ВМРО-ДПМНЕ нема да плаче по Орбан: Владите се менливи, порача Муцунски


ВМРО-ДПМНЕ нема да плаче по Виктор Орбан и ќе соработува  со новата унгарската влада. Ова го потврди шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, порачувајќи на прес конференција со белгискиот вицепремиер и министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка, Максим Прево, дека владите доаѓаат и си одат и дека нема ништо поважно од демократски изразената волја на унгарскиот народ.

Одговарајќи на прашањето како нашата влада ќе соработува сега со Петер Маѓар кога недела дена пред изборите му даде поддршка на Орбан, Муцунски спомена дека имал разговор со идната министерка за надворешни работи од партијата Тиса, дека има многу работи што ги спојуваат двете држави и дека меѓусебните односи на Унгарија и на Македонија не можат да бидат врзани со одредени политички влади. Откако порача дека владите се менливи, тој потсети дека и СДСМ, која деновиве ги критикува поради соработката со Орбан, додека била на власт исто така соработувала со него.

Муцунски притоа избегна да одговори на прашањето дали во разговорот со идната министерка Анита Орбан го отвориле и прашањето за Никола Груевски, наведувајќи други теми кои според него биле приоритетни околу идната соработа. 

Главна тема на средбата со беглискиот гостин беше сепак евроинтеграцијата на Македонија, при што Прево отскокна од вообичаената порака дека никој не може да и гарантира на Македонија дека нема да има нови условувања на патот до членство. Иако се огради дека зборува во име на Белгија а не во име на сите земји членки, тој  порача дека ЕУ треба да обезбеди,откако ќе бидат усвоени уставните измени, да не се случи некој друг да ни го блокира напредокот на европскиот пат. Според него, во Белгија постои јасна определба дека треба да биде дадено уверување на Македонија дека нема да се јави повторна блокада или пречка откако ќе бидат направени потребните промени. 

„Верувам дека сите земји во ЕУ треба да најдат начин да се изрази волјата оти овие уверувања ќе бидат дадени“, порача Прево. 

Генерално тој порача дека Македонија може да смета на Белгија како цврст, стабилен, постојан и сигурен сојузник на нашиот пат за Европската Унија, без никаква двосмисленост притоа. Тој беше категоричен дека билатералните прашања, за кои рече дека сите ги знаеме, не треба во ниту еден момент да го спречуваат процесот на проширување.

„Белгија продолжува цврсто без никаква двосмисленост да го поддржува европскот пат на Северна Македонија. Цврсто сум убеден дека билатералните прашања, кои што сите ги знаеме, и коишто вашата земја ги знае, не треба во ниту еден момент да го спречат процесот на пристапување. Јас и понатаму ќе продолжам да се залагам за преведен и кредибилен процес на проширување, којшто ќе го награди напредокот, но и посветеноста, а вие веќе имате голем напредок и посветеност во овој домен“ – порача Прево. 

Паралелно, според Прево, напредокот, исто така, бара и почитување на заедничките преземени обврски, особено поврзани со реформите, со владеење на правото, но и уставните измени кои беа договорени во 2022 година. 

„Јас разбирам дека треба паралелно да се делува, за да може Европската Унија да ве увери дека по овие измени, откако ќе се усвојат, ќе се изгради конечно цврст и сигурен пат кон Европската Унија “, изјави Прево.

Според негова оценка,  институционалната стабилност што ја постигнала Македонија во изминатите години е за поздравување и претставува „цврста основа за повторно фокусирање на реформските напори“. Тој нагласи дека „Белгија го охрабрува конструктивност политички дијалог, продолжувањето на борбата против корупцијата, силниот и независен судски систем и целосната заштита на основните права “, истовремено охрабрувајќи ја Владата да продолжи на патот на реформите, бидејќи, како што рече, „тоа е добиена инвестиција во иднината“. 

Прево, на почетокот изрази задоволство што има можност со денешната средба подобро да се запознае со, како што рече, „вашите реалности и вашата стварност, а не толку често да ја запознавам предку посредувањата во Брисел“. 

„ Се надевам дека ова нема да биде последна средба и посета, со оглед дека ми се блиски балканските земји.  Денеска сум тука за да ги подвлечам одличните односи меѓу нашите две земји. Кажавте дека живееме во мултиполарни тензии и имањето доверливи и стабилни партнери е особено важно. Тоа во самата ЕУ ви дава, исто така, можност да сметате на искреноста и солидарноста на една од најстарите земји и една од основачите на ЕУ, тоа е Кралството Белгиија. Во Белгија, исто така, постои знајачна македонска дијаспора од околу 15 илјади лица, кои што активно учествуваат во животот на нашата земја и мислам дека тоа дополнително го зајакнува нашето партнерство и соработка“,  нагласи Прево. 

Прево, исто така, ја поздрави нашата евроатланска посветеност и континуираната усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ, нарекувајкќи не “стратешки сигурен партнер“. 

Муцунски пак рече дека особено ја цени јасната позиција  дека евроинтеграцискиот процес мора да се темели на исполнување на Копенхашките критериуми од страна на земјите кандидати, но додаде дека клучна е и подготвеноста на самата Европска унија да спроведе неопходно внатрешни раформи за прием на нови членки. 

„Разговаравме и за потребата од мудри, но и храбри геостратешки одлуки во време кога европската безбедносна архитектура се соочува со сериозни искушенија“, рече Муцунски, нагласувајќи дека го информирал Прево за напредокот постигнат во евроинтегративниот процес, како и за „цврстата, јасна и безусловна посветеност на нашата Влада кон реформската агенда“. 

Тој исто така порача дека посетата на Прево  е значајна во контекст на сериозните геополитички предизвици што директно влијаат врз мирот, стабилноста и иднината на Европа.

„Во изминатите три децении изградивме силно пријателство, интензивен политички дијалог и стабилно партнерство. Јасно ја изразив нашата определбата со Кралството Белгија и натаму да го развиваме пријателството и продлабочуваме врз основа на меѓусебна почит, доверба и заедничка одговорност за стабилноста и просперитетот на регионот и пошироко. Посебен акцент ставивме на унапредувањето на економската соработка“, рече Муцунски. Па, изрази убедување дека со заедничка политичка волја и со силна поддршка на бизнис заедницата, може да се отвори нов простор за поинтензивна економска размена и повеќе директни инвестиции. (С.Ј.)