Мицкоски има чувство дека функционери на претходната влада ќе станат предмет на прогон

Премиерот тврди дека немал информации, туку само „чувство“ дека под прогон ќе бидат поранешни премиери и нивни блиски во семејството


 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговори на повикот на СДСМ владата да побара екстрадиција на Никола Груевски за да одговара пред правдата во Македонија.

„Тоа што имав да кажам, го кажав во текот на вчерашниот ден и немам што да додадам. Мораме во државата да имаме подеднакви услови за сите, без разлика кој бил, како бил, дали некој е сегашен, дали некој е поранешен висок функционер и тука не треба да има никаква дилема, никој. Барем додека е оваа Влада и додека сум јас претседател на Владата.

Но, она коешто загрижува е фактот дека од опозицијата сѐ уште не ја научија лекцијата. И уште живеат во оној свој паралелен свет, па никако не можете да слушнете, да речеме да го повикаат Васко Ковачевски да се врати и да се соочи со правдата. И се чудам зошто во нивните прес-конференции, доколку сакаат и планираат да бидат реална алтернатива на оваа влада, не можете да го сретнете името на Васко Ковачевски и да го повикаат исто така да се врати и да се соочи со правдата.

Понатаму, исто така очекувам од истата оваа опозиција да се однесува вака критички како што сега се однесува, кога имам чувство дека набргу високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, нивни блиски од семејството и така натаму, ќе бидат опфатени со одредени прогони.

Имам чувство, не велам дека имам информации, имам чувство. Очекувам дека и тогаш кога тоа ќе се случи, исто така ќе имаат вакви прес-конференции и тогаш нема да велат дека тоа е политички прогон, туку истите тие ќе ги повикаат да одговараат пред органите, односно да ја докажуваат својата невиност“, порача Мицкоски.

Од СДСМ возвратија дека откако постави свои луѓе на клучните позиции во судството и обвинителството, сега, кога самиот тој станува предмет на интерес на меѓународни истраги, Мицкоски почнува, преку злоупотреба на институциите, да ги крие вистинските процеси поврзани со криминал и корупција од јавноста.

„Повторно ‘нарачува’ процеси преку медиуми, мислејќи дека со тоа ќе нè исплаши и ќе ја запре нашата борба против неговата криминална организација.Исто како и порано, сега ја повторува истата матрица – само што овој пат неговото ‘чувство’ го диктира стравот. Имаме чувство дека стравот му влезе длабоко во коските на Мицкоски! Имаме чувство дека Европското обвинителство веќе го има предметот за Орбановите бизнис-комбинации, во кои е вмешан и самиот Мицкоски“, порачаа од СДСМ.