СДСМ бара темелна истрага зa финансиските и бизнис врски помеѓу Орбан и Мицкоски
Опозициската СДСМ денеска побара целосна и темелна истрага за сите финансиски и бизнис интереси и врски помеѓу Виктор Орбан и Христијан Мицкоски. И да одговара секој што направил злодела.
Членот на Извршниот одбор, Андреј Жерновски, рече дека граѓаните имаат право да ја дознаат вистината, затоа што се работи за нивните пари.
Тој го нарече Мицкоски „Орбан Џуниор“. И нагласи дека германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајнтунг“ напиша дека се работи за една голема транснационална мрежа која функционира под заштита, односно под директниот чадор на Виктор Орбан. И дека тоа е мрежа која контролира медиуми, финансиски текови и која функционира врз основа на контрола на бизнисите.
„Втората работа што е многу битна и која граѓаните мора да ја знаат е дека Германија и Европа го разобличија Мицкоски, го нарекоа, ‘авторитарен политичар’ и го ставија во друштво на Вучиќ и Додик, при што целата таа група беше наречена ‘авторитарно братство’. Тоа е корумпиран систем на политичка, финансиска и медиумска контрола, директно спротивставен на европските демократски вредности, или ако сакате – продолжена рака на Русија во Европа“, рече Жерновски.
Според него, „тоа е лоша вест за Мицкоски и неговата екипа, но е добра вест за граѓаните, затоа што мора да се ослободиме од овие стеги. Историската победа на демократијата над авторитаризмот во Унгарија, ако сакате – на Европа над корупцијата, или на владеењето на правото над злоупотребата, испраќа порака до целиот регион“.