Ако ЕУ прави пакет за проширување, не смееме да го испуштиме, вели Филипче

Последниот предлог изнесен од германскиот канцелар Фридрих Мерц е уште еден доказ дека навистина има волја да се направи чекор кон проширувањето, смета лидерот на СДСМ


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска на прес-конференција изјави дека последниот предлог изнесен од германскиот канцелар Фридрих Мерц е уште еден доказ дека навистина има волја да се направи чекор кон проширувањето, дека и самата Европска Унија има потреба од него и во економска и во безбедносна смисла и додаде дека доколку се работи на нов пакет земји, Македонија не смее да го испушти тој воз. 

-Тоа е, според мене, уште еден знак дека има волја да се направи чекор кон проширување. Првпат по речиси 15 години, по влезот на Хрватска во Европската Унија, очигледно е дека геополитичката ситуација во светот го наметна проширувањето како еден од приоритетите на ЕУ и со примерот на Црна Гора, тие веќе го покажуваат тоа. Изјавата на Мерц е уште еден доказ дека навистина има волја, има потреба и економска и безбедносна од страна на самата ЕУ, да не зборувам за бенефитите за земјава и за граѓаните што живеат тука. Освен Хрватска и Грција, сите други земји влегуваа во пакет. Значи, ако се работи да се направи нов пакет, освен земјите од Западен Балкан, Црна Гора и Албанија веќе одат напред, а се зборува и за Молдавија и Украина. Очигледно е дека има движење и ние не смееме да го испуштиме тој воз. Тоа што треба да го направиме е веќе на маса. И ние можеме да се обединиме само околу тоа што треба да се направи за да ги почнеме преговорите со ЕУ и да ги отвориме поглавјата. Сè друго е само изговор – одговори Филипче на прашањето дали можеби би го направил првиот чекор во насока на национално обединување, нешто на што повикува тој, но и премиерот Христијан Мицксоки.

Филипче истакна дека досега неколку пати изнел што за него и за партијата значи национално обединување, а тоа е дека нема преговори за идентитетските одредници, а дека уставните измени не се никаков ризик и треба да се направат што е можно побрзо.

-Впрочем, да ве потсетам на една изјава на Христијан Мицкоски: „Ќе ги оставиме да ги прават следните генерации“. Човекот е свесен дека мора да се направат. Само не сака тој да ги направи. Гледате, тоа е единствената работа за која би седнал на маса да разговараме, затоа што тоа е единствениот пат напред. Кога и да се случи тоа, сите во Парламентот треба да седнат заедно. Нема друга можност, нема друга опција. И тоа е неминовност. Но, не е тоа суштинското прашање. Има отворена врата, има волја, има желба, имаме аргументи. Да слушнеме вистински контрааргументи, ако имаат што да кажат – досега не сме слушнале. Нека каже премиерот што е за него национално обединување. Ако мисли дека ќе ја продава приказната дека е голем патриот и дека се бори за некакви замислени национални интереси, без да објасни што е тоа што би било загрозено за време на европскиот пат и преговорите, тогаш нека го каже тоа јасно. Јас досега не сум го слушнал – изјави Филипче.

Тој нагласи дека доколку во ЕУ се прави пакет за проширување и првпат по 15–16 години се отвора ваква можност не смееме да го испуштиме овој воз.

Посочи дека внесувањето на Бугарите во Уставот не е бугарско, туку европско барање, а за обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека ги застапувате бугарските позиции смета дека тоа е дел од пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ.

-Јас лично и СДСМ ги застапуваме исклучиво интересите на државата. Ги застапуваме македонските интереси. Интерес на државата е да се интегрира во ЕУ. Уставните измени не се интерес на Бугарија. Бугарија е членка на ЕУ, членка на Шенген и членка на Еврозоната. Тие луѓе живеат добро, имаат стандард, државата расте и се менува, особено по влезот во ЕУ. Вие знаете како изгледаше Бугарија пред влезот во ЕУ, нема никаква врска со тоа што е сега. Истото важи и за другите земји-членки пред и по влезот во Унијата – нагласи тој.

Додаде дека од позиција на опозиција ќе споделат одговорност за иднината на државата, но тоа не значи дека ќе учествуваат во широка влада.

За оставката на членот на извршниот комитет на СДСМ Рубин Земон и за тоа дали бил информиран за неговата средба со Виктор Стојанов од фондацијата Македонија од Софија, Филипче рече дека немал никакви информации за средбата, дека вчера разговарал со него, откако информацијата излегла во јавноста и дека Земон му појаснил дека станувало збор за случајна средба.

Разговарав вчера со него, откако тоа излезе по јавните мрежи, иако ми објасни дека е целосно случајна средба и дека немал никаква апсолутна намера, јас сметам дека таква штета на партијата апсолутно не треба да ѝ се нанесува. Се случуваат ненамерни пропусти, но оставката ја сметам за одличен морален чин. Човекот едноставно не сака да биде товар на партијата, што ниту го заслужуваме, ниту пак има некаква суштинска врска со тие состаноци. Така што, таа тема со тоа е завршена – рече Филипче.

Во врска со тоа дали го блокираат изборниот законик рече дека не разговарале на таа тема и немаат донесено одлука, но додаде дека нема да се вратат во работната група.

-Затоа што нема смисла да учествуваме во нешто што е само фарса и проформа. Зошто го донесоа насила, без да нè прашаат, знаејќи дека не се согласуваме, новиот Закон за Влада? Зошто ја укинаа пржинската влада, кога тој закон беше донесен со консензус на експлицитно барање на Христијан Мицкоски во 2018 година, и целосно му беше удоволено, а сега насила го менуваат без наша согласност. Целокупниот концепт на пржинската влада е да се спроведат фер и демократски избори. Ние секојдневно кажуваме зошто оваа Влада нема капацитет и нема да има капацитет да спроведе следни фер и демократски избори. Притоа, не барам никакво алиби за резултатот на следните парламентарни избори, затоа што мислам дека СДСМ ќе победи – рече Филипче.