Судбината на 4iG е неизвесна по смената на власта во Унгарија. Што ќе стане со третиот мобилен оператор кај нас?

Во Унгарија е во тек голема дебата што ќе се случува со компанијата 4iG затоа што беше во самата срж на режимот на Виктор Орбан и испреплетена со државна корупција


Владата на Петер Маѓар испитува во што сѐ е вмешана компанијата 4iG

 

Унгарија неодамна беше шокирана кога дозна дека тамошното министерството за одбрана склучило рамковен договор во вредност од 1.311.050.000.000 форинти (3,6 милијарди евра) со компанијата за вселенска технологија 4iG, која прерасна во ИТ гигант. Магазинот ХВГ напиша дека договорот е потпишан кон средината на март, еден месец пред изборите, од страна на компанијата на Гелерт Јасаи и министерството под контрола на тогашниот министер Кристоф Салај-Бобровнички.

Договорот, кој веќе стапи на сила од април, од страна на министерството беше објаснет како резултат на неколкугодишна владина подготовка, но не беа објавени други детали, бидејќи договорот не е јавен. Според информациите, рамковниот договор наследен од владата на Петер Маѓар важи девет години, до 2035 година.

Сега во Унгарија е во тек голема дебата што ќе се случува со самата компанија 4iG затоа што беше во самата срж на режимот на Виктор Орбан и нејзиното работење беше испреплетено со државна корупција.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ, која е исклучително блиска до партијата Фидес на Орбан, многу брзо по доаѓањето на власт ја отвори постапката за избор на трет мобилен оператор и беше избрана токму 4iG. Прашањето е дали оваа одлука ќе може да опстане понатаму поради случувањата во Унгарија и неизвасната иднина на 4iG.

Унгарски „Телекс“ напиша дека покрај овој познат договор од од 1.311 милијарди форинти постои уште една гигантска зделка за одбрана од 1.500 милијарди форинти кој важи до 2030 година. Но тој договор сѐ уште не е јавно објавен од печатот.

„Телекс“ пишува за тековното работење на групата и ги објаснува опциите што ѝ се достапни на државата. Во обемниот текст пишува дека 4iG е изграден со ефикасна државна поддршка и сè уште е полн со државни заеми од три банки и нарачки (национална одбрана, ИТ, телекомуникации). Компанија е во сопственост на мал инвеститор создаден од државата, но постои и подружница на 4iG која исто така има директна државна сопственост. „Само за да се илустрира подмолноста на моменталната ситуација: претставник на државата во компанијата, покрај раководителот на ‘Корвинус’, моментално е Адам Наѓ, највисокиот доверлив човек на Антал Роган (десната рака на Виктор Орбан – н.з.)“.

Новата влада, пишува „Телекс“ ќе има многу силен збор во идната судбина на 4iG, а новите играчи биле прилично заинтересирани за судбината на компанијата. Повеќе членови на владата ќе бидат вклучени во ова прашање:

  • Министерот за финансии Андраш Карман може да ги вклучи државните институции (како што е претходно споменатиот „Корвинус“) кои се сопственици на компанија во групата, но може да ги вклучи и државните финансиски институции кои се главни заемодаватели на 4iG.
  • Золтан Танач, министер за наука и технологија, е одговорен за комуникациите.
  • Министерот за одбрана Ромулуш Рушин-Сенди за гигантските договори за одбрана.
  • Министерката за надворешни работи Анита Орбан долго време работеше во „Водафон“ и има силно разбирање за телекомуникациите.

4iG во јануари 2026 година објави дека ќе ја трансформира својата внатрешна структура во духот на процес на холдинг. Според новата дивизија, ќе има холдинг на највисоко ниво, „холдинг на холдинзи“, предводен од претседателот и извршен директор на 4iG, Гелерт Јасаи, кому ќе му помагаат шест потпретседатели, и ќе биде одговорен за надгледување на работењето и финансиите на деловните единици, како и за управување со владините и меѓународните деловни односи.

Иако ова тешко дека беше неговата првична цел, парадоксално, токму оваа тековна структурна промена може да му помогне на новата влада на Унгарија да ја види точната ситуација во гигантската компанија испреплетена со државата.

„Во последниве години, 4iG беше како голем, обратен проект на Дедо Мраз: огромна вреќа каде пристигнуваа сите видови домашни и меѓународни компании и интереси една по друга. Вреќата сега треба да се протресе за да стане јасно што има внатре, кои оддели имаат реални можности за генерирање приходи, кои живеат само од државата, а кои се доминирани од ветувања. Што е синергистички, што бара развојни ресурси и што може барем делумно да ги финансира“, пишува „Телекс“.

Според текстот, најсложениот, моментално најтрансформирачкиот оддел, кој е воедно и највредниот дел од групата компании, се комуникациите. Во 4iG Telecommunications Holding, 4iG поседува само 62,1 проценти, додека унгарската држава поседува 37,9 проценти преку Corvinus International Investment. Ова ги вклучува унгарските, албанските и црногорските телекомуникациски интереси, делумно малопродажба, делумно услуги, делумно инфраструктурни елементи.

„Телекс“ наведува повеќе прашања што се поставуваат пред новата влада на Тиса да преземе мерки. Кој ќе биде извршен директор на „Корвинус“? Што ќе прави новиот менаџмент со државата, која делумно го финансира 4iG, од кредитите, и со каква намера?

Според плановите, функциите би биле префрлени од централниот холдинг во под-холдингот, што значи дека многуте вработени, ИТ, човечки ресурси, правни и управување со проекти што моментално се во 4iG Plc. би биле префрлени во телекомуникацискиот холдинг, каде што би биле сместени функциите на групно ниво.

Како ова ќе се одрази на македонските планови за 4iG за трет мобилен оператор е многу нејасно. Можеби имало и други зделки со 4iG за кои засега не е познато. На пример, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, се среќаваше во Будимпешта на неколку пати со тогашниот министер за одбрана Салај-Бобровнички. Никогаш не стана јасно за што разговара еден министер за транспорт со министер за одбрана.

Македонската влада треба побрзо да стапи во контакт со новите унгарски власти за да има претстава што треба да прави со идејата за трет мобилен оператор. Ако не се откријат нечии имиња на одредени тајни списоци. (Н.В.)