Сиљановска е шокирана од обвинителството за можниот шпионски скандал
Ако само претседателката ги гледа документите што ѝ се испраќаат од НАТО, АНБ, АР дали само таа одлучива за одредени проценки или одлуки
Претседателката на државата е шокирана од постапката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кое води истрага за наводниот шпионски скандал во нејзиниот кабинет. Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за Сител рече дека со тоа ОЈО ГОКК не го почитувало членот 289 од Законот за кривична постапка во кој се вели дека сите дејствија во предистрагата се тајна.
„Шокирана сум од Јавното обвинителство. Рековте предистражна постапка, а не постапка. Важи ли членот 289 од Законот за кривична постапка за Јавното обвинителство? Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се тајна. Како тоа Јавното обвинителство комуницира преку медиуми и раскажува како и на кој начин контактира со Министерството за внатрешни работи?“, рече Сиљановска.
Таа оцени дека слушала една „лаичка интерпретација на членот 8 од Законот за јавно обвинителство, каде што се вели дека Јавното обвинителство почитувајќи го принципот на презумпција на невиност, приватен живот, достоинство, слобода на медиуми, правично судење, интегритет и така натаму, како и принципот на отвореност – веројатно од тоа се инспирира – ја информира јавноста за одделни случаи по кои и постапува. Немаме случај ние. Во предистражна постапка нема случај“,
Сиљановска-Давкова уверува дека безбедноста е на највисоко ниво и дека нема логична основа за шпионажа. Според неа, сите дописи што ги добива од НАТО, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Генералштабот се во печатена форма и оти никој освен неа ги нема видено.
„Обвинување за шпионажа е многу сериозно обвинување и мислам дека нема логичен основ за тоа. Шпионажата се однесува на класифицирани или на строго доверливи податоци. Не знам колку знае јавноста, но во Кабинетот не постои електронска мрежа на класифицирани податоци, односно на податоци од доверлив или строго доверлив карактер. Сите документи од доверлив или од строго доверлив карактер, ги добивам јас и само јас во печатена, односно во хартиена форма. Според протоколот, читам, пакувам и го давам на лице од архивата кое поседува највисок сертификат ‘државна тајна’. Најчесто се враќаат кај испраќачот или одат во архивата. Ако комуникацијата е на ваков начин, објаснете ми со кои податоци, дури и да влезе некој во вашиот компјутер може да посегне по шпионажа? Затоа и се чудам кога ќе видам разузнавачи дека дискутираат како сум била во опасност, безбедноста била во опасност заради шпионажа“, рече Сиљановска–Давкова.
Според оваа нејзина изјава излегува дека само таа одлучува за одредени безбедносни и други прашања, затоа што само таа ги чита документите. На кој начин потоа се донесуваат проценки или одлуки останува нејасно.
Таа рече дека веднаш штом дознала дека има укажување од еден од вработените за упад во компјутерот исконтактирала со Министерството за внатрешни работи.