„Панче Тошковски нема морал. Треба да поднесе оставка по толку жртви“, вели Каја Шукова од СДСМ
Жртвите стануваат премногу. Исто толку семејства се уништени, МВР не функционира. Што уште треба да се случи за Панче Тошковски да понесе морална одговорност и да поднесе оставка, праша каја Шукова, претседателка на Форумот на жени на СДСМ, по уште едно убиство на жена во Скопско.
„Пред само неколку дена, 37-годишна жена беше убиена во Скопско, во случај кој повторно наликува на фемицид. Семејното насилство е на секој чекор и сè почесто завршува трагично, иако претходно имало бројни пријави кои МВР ги игнорирало.
Млада жена и дете умреа и покрај 12 пријави за насилство. МВР било слепо и глуво. Во Велес, насилник уби жена и нејзиниот татко. Во Старо Нагоричане, сериски убиец со години убивал жени додека институциите игнорирале предупредувања. Во Кочани згаснаа 63 животи, а до денес нема вистинска одговорност.
Пет тони дрога поминаа преку граница без никаква контрола. Пет тони дрога – без одговорност“, рече Шукова.
Во последните две години со Панче Тошковски на чело на МВР, Македонија живее во страв, несигурност и насилство кое стана секојдневие – во училиштата, во домовите, на улиците, нагласи таа, тврдејќи дека има целосен распад на безбедносниот систем. И порача дека
Панче Тошковски мора да ја преземе одговорноста и да поднесе оставка.