Проширувањето треба максимално да се искористи, вели Владимир Дробњак, хрватски експерт
Како што историјата ни покажа во многу ситуации, добриот момент не трае засекогаш, вели поранешниот главен преговарач за пристапните преговори на Хрватска со ЕУ и експерт на УНОПС
Проширувањето е стратегиски одговор во услови на новата геополитичка реалност и инвестиција во стабилноста и економскиот раст – рече на денешното обраќање на панел-дискусијата на Националниот совет за евроинтеграции, Владимир Дробњак, поранешен главен преговарач за пристапните преговори на Хрватска со Европската Унија и експерт на УНОПС.
Тој пред присутните членови на Советот, претставници од академската заедница и граѓанскиот сектор на панелот „Проширувањето на ЕУ во променлив геополитички контекст: што значи тоа за Западен Балкан“ нагласи дека ќе ѝ помага на земјата на патот кон ЕУ. Како што рече, геополитиката не е збор што се кажувал на глас сè до неодамна кога Европскиот парламент ја донесе резолуцијата усвоена во март годинава, во која, како што рече, се потврдува новиот тренд во целокупниот пристап за нејзино зголемување.

– Проширувањето е стратегиски одговор на новата геополитичка реалност и инвестиција од најголема важност за ЕУ, за нејзината стабилност – рече Дробњак посочувајќи ги случувањата во Украина и други, вели, непријателски акции истакнувајќи дека комплетирањето на европскиот проект е од особена важност за западноевропскиот регион.
Зборувајќи за стратешката важност на земјата, покрај членството во НАТО, тој ја нагласи и позицијата на државата како примарен линк истакнувајќи ја позицијата на коридорите 8 и 10 и 6 – источномедитеранскиот коридор, од економски и безбедносен аспект.
– Она што секоја земја кандидат го добива во процесот треба да биде искористено како екстра шанса. Како што историјата ни покажа во многу ситуации, добриот момент не трае засекогаш. Дозволете ми да ги повторам, со особена нагласеност, зборовите од Европскиот парламент – геополитикат, на крајот на краиштата, е работа од личен интерес и без оглед на трошоците, ова бара тешки компромиси. Грција може да ви каже многу во врска со ова, Хрватска може да ви каже многу во врска со ова. Ние сме направиле многу такви компромиси и тие не треба да бидат сфатени како политички одлуки, туку како инвестиција во сопствената земја – рече Дробњак.
Тој се осврна и на иднината за Украина и Молдавија посочувајќи дека ЕУ ќе биде во согласност со аспирациите на нивните народи, но и дека „се надминува чинењето и процесот на пристапување отвора простор за влијанија од неевропски земји“.

– Во резолуцијата на Европскиот парламент сметаат дека политиката на проширување е незаменлива во време на засилена геополитичка нестабилност. Но еднакво важно што треба да се нагласи е дека кај проширувањето е тоа што геополитиката не може да ги замени стандардните критериуми, особено фундаментите, почнувајќи со владеењето на правото и борбата против корупцијата – нагласи Дробњак.
Тој рече дека геополитиката е нова димензија и треба максимално да биде искористена посочувајќи го сегментот на безбедноста на Западен Балкан за ЕУ во контекст на „ескалирачки глобални сили, вклучително војната во Украина, нестабилноста на Блискиот Исток“. Во обраќањето истакна дека геополитиката креира и ривали. Во однос на планот за управување на Европската комисија, документ усвоен во март годинава, тој го карактеризира проширувањето како клучна компонента за целата ЕУ, чија цел е да изгради партнерства и да ја заштити економската безбедност.

– Документот го нагласува проширувањето како најдобар одговор на новата геополитичка реалност – рече Дробњак.
Европскиот совет, како што рече, повторно ја потврдува посветеноста на засилување на односите, партнерствата, како и поддршка на реформската агенда. Зборувајќи за Црна Гора и ад хок работната група, рече дека процесот ја нагласува потребата и за другите земји кандидатки, кои „треба да дадат свои напори за да го постигнат тоа“. Во обраќањето тој се осврна на уште еден момент – Исланд, земја што закажала референдум за продолжување на преговорите по нивното суспендирање во 2013, бидејќи, вели, сепак не ја повлекла апликацијата.
– Точниот датум на новото проширување, денот кога Европа ќе стане поголема, дали ќе биде тоа 2028, 2029 година, сè уште не е познато во моментот, невозможно е да се предвиди, меѓутоа ќе биде добро да се процени дека тој ден секако ќе биде пред крајот на оваа деценија или можеби и порано. Целосна подготвеност за понатамошно проширување им е потребно и на двете страни, и тоа не само од страна на земјите кандидатки туку и ЕУ ќе треба да се подготви за тоа – рече Дробњак нагласувајќи дека и таму се потребни реформи.
Професорот Ферид Мухиќ во дискусијата рече дека е важно да се вклучат сите фактори во подолготрајна дебата и процесот да се искористи.
Пратеничката Моника Зајкова се согласи дека е потребна поширока дебата, вклучувајќи ги сите засегнати, а не само партиите.
Дробњак сподели искуство од Хрватска, при што посочи при процесот за влез во ЕУ била формирана извршна комисија, задолжена за одобрување на позициите на владата, преговорите се воделе преку размена на документи, кои требало да бидат одобрени од национална комисија, со која раководел претставник од опозицијата, сите одлуки биле донесени со консензус, тоа спречило поделби помеѓу комисијата, разговорите се воделе зад затворени врати, по што обраќања имале претставници и од опозицијата и од власта.
Милошоски на крајот на дискусијата информира дека набргу премиерите на Македонија и на Хрватска ќе потпишат стратешко партнерство помеѓу пријателските држави.