Сиљановска е збунета од изјавите на обвинителството за шпионската афера во нејзиниот кабинет
Претседателката не сака да ги толкува постапките на другите органи, но вели дека збунета од начинот на кој информациите се споделуваат со јавноста
Треба да се води сметка за презумпцијата на невиност додека се собираат податоци за наводната шпионска афера во кабинетот на претседателката.
Вака Гордана Сиљановска-Давкова ги коментира наводите кои ја вознемирија јавноста дека некој од вработените таму собирал и енкриптирал чувствителни податоци и ги предавал на странска разузнавачка служба. Обвинтелството уште на крајот на 2025 година отворило истрага за овој случај и ги чека бараните податоци од МВР. Министерството загадочно молчи за целиот скандал.
„Мислам дека треба да се почитуваат одредбите од Законот за кривична постапка и во поглед на презумцијата на невиност, но, како што реков, и во поглед на собирање податоци и евентуално отворање на кривична постапка“, вели претседателката во изјава за МИА.
Таа не сака да ги толкува постапките на другите органи, но вели дека збунета од начинот на кој информациите се споделуваат со јавноста.
„Во предистражна постапка малку се зборува, а многу се работи, односно се собираат информации. Почитувам поделба на власта, но малку сум збунета со објавите кои доаѓаат токму од Обвинителството за организиран криминал, во кои се објаснува нивната комуникација со МВР“, рече Сиљановска-Давкова.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) вчера потврдија дека кон крајот на минатата година отвориле предистражна постапка по известување за сомнежи дека од информатичкиот систем во Кабинетот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, неовластено биле извлекувани содржини, односно податоци.
Тоа значи дека постојат сомневања за шпионирање во Кабинетот на претседателката, преку неовластено преснимување содржини од компјутерскиот систем, за што Обвинителството веднаш почнало постапка за прибирање информации.
Иако станува збор за сензитивен и сериозен случај, и по неколку месеци Обвинителството сè уште не ги добило од Министерството за внатрешни работи резултатите од бараните вештачења.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека до Секторот за компјутерски криминал од ОЈО ГОКК добиле две наредби во врска со случајот – едната од 12 февруари, а другата од 25 март оваа година, посочувајќи дека станува збор за поголема количина на електронски доказен материјал, за чија анализа бил потребен поголем временски период.