Филипче повика заедно на Кошта да му се каже дека ќе се направат уставните измени
Европската унија ја отвора вратата за проширувањето и оваа шанса не смее да биде пропуштена, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, попладнево на прес-конференција. Филипче посочи дека актуелниот геополитички момент претставува една од најважните можности за државата да го продолжи европскиот пат и да стане дел од процесот на новото проширување на Европската Унија.
Филипче потенцираше дека посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во Македонија, која ќе се реализира непосредно пред самитот за Западен Балкан во Црна Гора, е уште еден сигнал дека проширувањето повторно е високо на агендата на Унијата.
„Апелирам да му кажаме на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дека ќе го направиме следниот чекор, дека ќе ги направиме уставните измени, имајќи предвид дека пред една година, кога претседателот Кошта беше тука и јасно кажа, не постои план Б, постои само еден план А, а тој план е преговарачка рамка која што е веќе усвоена од сите земји членки на Европската унија“, порача Филипче.
Тој го повика премиерот Христијан Мицкоски да не го користи нон-пејперот на германскиот канцелар Фридирх Мерц како алиби за неисполнување на реформите.
„Денеска видовме уште еден сигнал дека постои волја за проширување во Европската унија, тоа е нон- пејперот од германскиот канцелар Мерц. Иако има луѓе кои што не се согласуваат со тоа, а тоа е постепено членство, учество во институциите на Европската унија, и тоа не е дефинитивен документ кој што е усвоен од Европската унија и очигледно нема да биде усвоен затоа што има несогласување. Апелирам премиерот Христијан Мицкоски да не го користи овој нон- пејпер како дополнително алиби и изговор да не се направат следните чекори, кои што како што сите укажуваат, не може да бидат променети“, рече Филипче.
Во одговор на новинарско Филипче рече дека протекувањето информации од кабинетот на Сиљановска е скандал кој мора да се расчисти и да има одговорност, потенцирајќи дека не е изненаден затоа што има и вицепремиер кој е соработник на српските служби.
„Тоа е скандал којшто треба да се расчисти. Да има такво протекување на информации како што пишува во медиумите од земја членка на НАТО е најмалку на ниво на скандал и тука луѓе треба да преземат одговорност вклучувајќи ја и претседателката. Но, тоа мене не ме изненадува. Ние имаме вицепремиер, соработник на српските служби Стоилковиќ, кој има комуникација со ‘Ноќните волци’, блиски на Путин. Тој на дневна основа вади информации надвор од земјава. Така да се е тоа ова владеење, се е тоа концептот на оваа власт“, рече претседателот на СДСМ.