Филипче ѝ понуди на власта заедно да ја преземат одговорноста за уставните измени

Цената да не се зграпчи можноста што се отвори за ЕУ никогаш не била поголема, предупреди шведскиот амбасадор Солстром


 

Процесот на проширување повторно е високо на приоритетната листа на Европската унија, доколку не се качиме на овој воз, можно е вратите со децении натаму да бидат затворени за Македонија, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната панел-дискусија во Собранието, на тема: „Геополитичката димензија на проширувањето на ЕУ и импликации за Западен Балкан“.

Филипче повика на заедничко и одговорно дејствување за продолжување на европскиот пат на државата, предупредувајќи дека актуелниот момент е историска можност што земјата не смее да ја пропушти.

„Доколку не се качиме на овој воз, можно е вратите со децении натаму да бидат затворени. Следна работа, кога сега веќе се разговара за буџетите во Европската унија, можно е да не бидеме земени предвид и нема да бидеме земени предвид ако не ги направиме потребните чекори и во следните планови, седумгодишните годишни буџетирања, нас ќе нѐ нема. Оваа геополитичка ситуација која што се промени со војната во Украина, со војната на Блискиот Исток, со тоа како Европската унија повторно го врати проширувањето од геостратешки, геополитички аспект на врвната листа на приоритети е само уште еден  силен индикатор дека ние овој момент треба да го искористиме“, рече Филипче.

Во своето обраќање, Филипче упати јавен повик до премиерот Христијан Мицкоски и до власта за заеднички да се донесат уставните измени, со цел да се обезбеди продолжување на европските интеграции.

„Го повикувам Христијан Мицкоски, власта, заеднички да ги направиме уставните измени. Притоа ќе ја споделиме одговорноста за тој чин ние како коалиција која што ја предводи Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, рече Филипче.

Тој нагласи дека СДСМ е подготвен да ја сподели одговорноста и за целиот понатамошен тек на преговорите со Европската унија, како што тоа се има случувано во други земји кои успешно го поминале процесот.

„Како што била праксата во сите земји, во Хрватска, Бугарија и натаму, кога траеле преговорите сите партии работеле заедно, да знае дека ја споделуваме одговорноста за било што понатаму ќе се случи во текот на преговорите, иако сум прилично сигурен дека нема да се случи нешто што ќе задира во нашиот идентитет, јазик, култура и та ната, но ја споделуваме одговорноста и заеднички учествуваме во целокупниот процес на водење во преговорите. Апелирам да не го пропуштиме моментот. Ќе останеме по страна, нема да имаме шанса, нема да можеме да преживееме. Нема да имаме пари од кај да зееме, ќе тонеме во сиромаштија, а младите ќе заминуваат од земјата. Упатувам јавен повик да го направиме чекорот, ја споделуваме сите заеднички одговорноста“, порача Филипче.

Тој апелираше до власта да не го пропушти моментот бидејќи во спротивно „нема да преживееме и не ќе има од каде да земаме пари“.

И шведскиот амбасадор во Македонија, Ола Солстром, предупреди дека моментумот не може да трае засекогаш  и дека цената од незграпчување на можноста никогаш досега не била повисока. Швајцарската заменик-амбасадорка, пак, оцени дека геополитиката отвори прозорец на можности, но остварувањето или не на реформите е решавачко дали ќе влеземе низ него или не.

Поранешниот хрватски преговарач за ЕУ, Владимир Дробњак, нагласи дека Исланд во август ќе излезе на референдум за влегување  во ЕУ, дека има завршено веќе 11 преговарачки поглавја од претходно, пред да ја повлече ашликацијата, така што според него ако реши да аплицира повторно – автоматски ќе дојде на врвот на листата на кандидати за влез. Тој очекува денот кога ќе има нова земја членка на ЕУ да се случи до крајот на 2030 година.

Според Дробњак, стратешката важност на Македонија и за НАТО и за ЕУ (како земја низ која поминуваат повеќе коридори) не треба да се потценува со порака дека секој напор е вреден сега, дека треба да се направат тешки компромиси и дека тоа не треба да се сфаќа како политички пораз – туку како инвестиција во иднината. Моника Зајкова од ЛДП исто така сметаше дека немаме веќе генерации за губење ниту време за калкулирање ако навистина сакаме да станеме земја членка на Унијата. (С.Ј.)