Гаши за ЕУ: Во трка сме со времето, се плашам дека ќе го изгубиме!
Претседателот на Собранието Африм Гаши, на трибина организирана од Европското движење, порача дека сме во трка со времето околу членствотот во ЕУ и се плаши – дека ќе го изгубиме.
Според Гаши, нема никаква корист од изнаоѓање виновници околу блокадата на евроинтеграцијата и тој преферира да најдеме пат, т.е. решение и да стигнеме до целта. Единствен кој отстапуваше од овие заложби практично беше пратеникот Антонијо Милошоски, кој кажа повеќе причини зошто не треба да брзаме и да бидеме лаковерни со правењето отстапки, се додека ЕУ не ни даде кредибилна понуда која ќе ни го гарантира некако членството. Никој не го сакаше премногу зборот „моментум“ во проширувањето, но Петер Хефеле, директор за политики при Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс, порача дека овој „прозорец на можности нема долго да трае“, дека новосоздадениот моментум за проширувањето ќе биде многу краток, а политичката состојба во Европа потоа ќе биде многу поразлична од сега.
Според германската амбасадорка Петра Декслер во Брисел сега се пишува договорот за пристапување на Црна Гора, што за неа е искторисми момент бидејќи такво нешто не се случило одамна во ЕУ,па повика на обединување во земјата околу исполнување на условите и напуштање на наративот дека што и да прави Македонија, секогаш е губитник во процесот.
Претставникот на Делегацијата на ЕУ, Стефен Худолин, нагласи дека ако се постигнат предвидените над стотина чекори со реформската агенда тоа ќе направи разлика во земјата и дека се што сме постигнале досега е дел од градуалната интеграција. Тој најави дека утре официјално ќе биде објавена оценката на ЕК за реформите изразувајќи надеж дека во идниот извештај ќе направиме натамошен позитивен чекор (бидејќи очигледно сега некои од реформите не се остварија до овој рок).
Милошоски, пак, се врати на минатото за да ја оправда сегашната политика на актуелната влада. И повторно ја спомена Ангела Меркел и нејзината порака дека треба да покажеме лидерство и да го решиме спорот околу името со Грција, за што сме покажеле и лидерство и храброст и сме го оствариле – но не само што ни затвориле врата следната година место да не примат, туку и ни ја „треснала“ пред нос вратата Франција.
Тој нагласи дека во принцип Европската комисија сака и притиска за проширување, а земјите членки не секогаш имаат позитивен пристап – што е комплексноста во функционирањето на ЕУ што треба да се знае пред да се носат одлуки во земјата. Според него, сега во ЕУ има четири различни позиции меѓу земјите ченки за проширувањето: Првата група, што смета дека не е мнозинство, се тие кои се за полноправно членство. Втората група се тие што се помалку за зачленување а повеќе за интегрирање, а третата група се земјите кои новото проширување го поврзуваат со одлуката за Украина, во смисла тоа што ќе и се понуди на неа, да им се понуди и на другите. Четвртата група земји ги опиша како незаинтересирани воопшто за проширувањето. Тој и порача на ЕУ дека што и да биде понудата, нема да и се налутиме ако е искрена, бидејќи главната дилема сега е дали која и да е отстапка што ќе ја направиме (како смелост или како лудост) ќе ни отвори пат за членство.
„Ако пет лидери даваат различни изјави, како ќе изгледа членството во ЕУ? Ни треба нивни заеднички став, ова е тоа што ви го нудиме. Нема да се налутиме ако е искрено. Сега постојат понуди, но не се искрени“, оцени Милошоски опишувајќи ја целта како движечка мета која секои десет години се поместува подалеку и подалеку.
„Денес во некои земји членки на ЕУ избегнуваат да зборуваат воопшто за проширувањето зошто не е реално“, заклучи Милошоски.
Нималку охрабрен тој не беше и во однос на Бугарија, посочувајќи дека од 2008 година преставници на бугарското Народно собрание немаат дојдено во Македонија, а наши таму од 2009-та година, што зборува и за добрососедството и за соработката. Уште повеќе, тој оцени дека со потпишување на Договорот за добрососедство со Софија односите се значително заладени, спротивно на насловот што го носи. Затоа тој рече „да“ за Реформската агенда и за фазната интеграција, барајќи повеќе такви проекти кои ќе ни ги олеснат преговорите кога конечно ќе почнат.
На оваа реторика жестоко се спротивстави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој најпрво изрази жалење што слуша за некакви алтернативи на членство во време кога е формирана комисија која работи на пишувањето на договорот за прием на Црна Гора. Тој јасно порача дека без ЕУ ниту ќе ја вратиме довербата во судството, ниту ќе ги платиме долговите, ниту ќе запрат иселувањата, па запраша зошто како политички фактори не зборуваат конкретно за тоа што треба да го направиме и што е веќе на масата за да ги започнеме преговорите, посочувајќи ги – Преговарачката рамка и уставните промени. Тој му реплицираше на Милошоски дека до утре може да зборуваат каква е политичката ситуација во ЕУ, но никој во земјата не верува дека можеме да воспоставиве функционален систем кај нас без неа.
„Зошто е тој скептицизам? Од што е стравот? Се знае кој ќе биде првиот чекор. Која е таа алтернатива што ја нуди власта? , запраша Филипче откако оцени дека дури и кога ветуваа не веруваа дека ќе успејат да ја најдат.
„Јасен е патот напред ако сакаме да се интегрираме во Евопа и да ја сузбиеме корупцијата“, рече Филипче додавајќи потоа дека власта нема желба да напредува кон ЕУ само за да продолжи со корупцијата.
Оливер Андоновски, кој се опиша себе како единствен проевропски политичар во ВМРО-ДПМНЕ, го повика Мицкоски да го оствари тоа што сме го потпишале како држава или – да ги раскине сите договори што сме ги направиле досега. Па, од почеток нека ги преговара.
Екс амбасадорот Мухамед Халили, пак, ги нарече приказни тврдењата на власта и на опозицијата дека работат на зајакнување на судството во земјата, бидејќи како што твреше работат на спротивното – да го ослабат. Како пример го спомена екс премиерот Димитар Ковачевски кој имал шанса да направи нешто околу независноста на судството, а место тоа го донесе контроверзниот Кривичен закон, како и лидерот на ДУИ Али Ахмети кој вчера го нападна обвинителството за случајот „Мазут“ со „Пуцко петрол“, неговиот главен партиски спонзор, место да повика на истрага и утврдување на вистината. Тој рече дека судството, какво-такво покренува случаи, за разлика од политичарите кои го сперечуваат , па порача – кој судија може да казни некого што заработил 350 милиони евра? Конкретно на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ им порача дека треба да се состанат и да разговараат, но не за нивните (партиски и лични) платформи туку за платформата на граѓаните. (С.Ј.)