Обвинителството за организиран криминал и корупција со месеци чекало одговори од Министерството за внатрешни работи за случајот со можно оддавање службени тајни и шпионски активности во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Иако уште во декември минатата година била отворена предистражна постапка и биле преземени повеќе истражни дејствија, надлежната обвинителка која деновиве е во центарот на вниманието за случајот со мазутот, Катерина Коларевиќ, сѐ уште нема добиено конечни резултати од анализите на одземената компјутерска и телефонска опрема, ниту пак видео снимки од безбедносните камери во и околу кабинетот на претседателката.
Од ОЈО ГОКК велат дека предметот бил оформен на 18 декември 2025 година, по известување од МВР – Секторот за компјутерски криминал, а се однесувал на настан од 24 ноември истата година и „индиции за недозволени активности од висок државен интерес“.
„ОЈО ГОКК, по добиено известување на 18.12.2025 година од Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал, кое се однесува на настан од 24.11.2025 година и постоење индиции за преземени недозволени активности од висок државен интерес, истиот ден отвори предистражна постапка и веднаш ги презеде сите неопходни мерки и активности согласно своите законски надлежности. Во рамки на постапката, до Основниот кривичен суд беше доставено Барање за издавање наредба за пребарување на компјутерски систем, со цел утврдување на содржините што евентуално биле неовластено преснимени од информативниот систем во кабинетот на претседателката.
Истовремено, беа издадени и наредби за екстракција на податоци од персонални и лаптоп компјутери доставени до МВР од кабинетот на претседателката. Дополнително, до кабинетот на Претседателката беше упатено барање за доставување копии од видео записите од безбедносните камери поврзани со пријавениот настан, за периодот во кој истиот се случил. На 30.12.2025 година, до МВР – Сектор за компјутерски криминал, како надлежен орган за откривање кривични дела и обезбедување докази, беше доставена наредба за анализа на екстрахираниот доказен материјал. На почетокот на 2026 година, по добиено известување дека кабинетот на претседателката не располага со копии од видео надзорот, бидејќи опремата е набавена преку СОЗР, а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР, предметниот јавен обвинител се обрати и до СОЗР и до МВР за нивно итно обезбедување. Од СОЗР беше добиено известување дека институцијата не располага со видео записи, туку дека нивната надлежност се однесува исклучиво на набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите од записите е во надлежност на МВР.
И покрај тоа, од страна на МВР до денес не се доставени повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видео надзорот. На 16.03.2026 година, МВР достави известување за дел од преземените активности кои се однесуваат на обезбедување пристап до криптираните податоци од дотогаш екстрахираната компјутерска опрема. Воедно, до ОЈО ГОКК беа доставени и два мобилни телефони одземени од пријавениот, со барање за нивна екстракција во истражниот центар на ОЈО ГОКК, по што веднаш беше издадена соодветна наредба за постапување.
Потоа, на 25.03.2026 година, имајќи ја предвид сериозноста и чувствителноста на предметот, јавниот обвинител до МВР – Сектор за компјутерски криминал достави наредба за анализа на податоците од мобилните телефони, како и заедничка анализа на податоците екстрахирани од компјутерската опрема обработена во Истражниот центар на ОЈО ГОКК. Дополнително, беше побарана и анализа на постапувањето по судската наредба за увид и пребарување во информативниот систем на кабинетот на претседателката, со задолжение до обвинителството да биде доставено известување за прибраните докази. До денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, ОЈО ГОКК нема добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази“, стои во одговорот на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Зошто МВР ја кочи оваа истрага за наводна шпионажа, засега немаат одговор ни Обвинителството кое има моќ да ги уапси одговорните во Министерството, а ни министерот Панче Тошковски.
Инаку, Обвинителството почнало предистрага по добиена анонимна кривична пријава, потпишана од „група вработени во МВР“, за сомнежи за преземање податоци од компјутерскиот систем во кабинетот на претседателката. Според пријавата, се копирале и енкриптирале податоци, т.е. се шифрирале во таен код за наводно да завршат кај разузнавачки служби во странство. Под сомнение е ИТ-администратор во претседателскиот кабинет, кој наводно бил поврзан со странска разузнавачка служба.
Од ОЈО ГОКК потврдуваат дека предистрага се води од декември лани по аларм од Секторот за компјутерски криминал во МВР. Веднаш се издадени наредби за докажување на сомнежите, но нема информации од Секторот за компјутерски криминал во МВР за содржината на евентуално извлечените податоци, како и од двата мобилни телефона кои биле одземени од пријавениот.