Стојковски за предлогот на Мерц: Ова е обид да се редефинира формата на проширувањето


Предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц објавен утрово, со кој се сугерира членство за Украина и некаков нејасен статус за земјите од Западен Балкан, и тоа додека се пишува договорот за пристапување на Црна Гора, наидува на различни оценки кај нас. 
Според Андреја Стојковски од Преспа Институтот, предлогот на Мерц за „асоцијативно членство“ за Украина и статус „привилегиран набљудувач“ за Западниот Балкан е можеби првиот толку отворен обид ЕУ да ја редефинира самата форма на проширувањето. Тоа, смета тој, отвора ризик за регионот  постепената интеграција да стане трајна замена за полноправното членство, наместо да биде мост кон него.
 
„ Ова не значи дека проширувањето станува геополитичко. Тоа отсекогаш било. Проширувањата од 90-тите и почетокот на 2000-тите, исто така, беа инструмент за стабилизација на Европа, спречување стратешки вакууми и вградување на Средна и Источна Европа во евроатлантската заедница. Она што денес се менува е геополитичката средина и перцепцијата на ЕУ за сопствениот институционален капацитет. Оттука, според предлогот на канцеларот Мерц, Европа постепено треба да се движи кон модел на функционална интеграција пред формалното членство:
 
• пристап до Единствениот пазар,
• постепена институционална интеграција,
• учество во европски политики и програми,
• и подлабоко економско и безбедносно поврзување.
 
 За Украина, ова е поврзано со стратешката и безбедносната ургентност.За Западниот Балкан, пак, постои реален ризик постепената интеграција да стане трајна замена за полноправното членство, наместо мост кон него. Затоа, клучното прашање денес не е дали ЕУ ќе продолжи да се проширува, туку во каква форма ќе се одвива тоа проширување“, оценува Стојковски. 
 
Тој оценува дека иднината можеби лежи во нова генерација пристапни договори, каде пристапувањето и реформата на ЕУ би се одвивале паралелно — со постепена интеграција на земјите кандидати, но со јасен, правно гарантиран и политички регулиран крај: полноправно членство.
 
„ Вистинската дебата денес е дали Европската Унија е подготвена да ја реформира сопствената институционална архитектура за една поголема и геополитички посложена Европа“, оценува Стојковски.