Антонио Кошта и Марта Кос ќе дојдат во Македонија за да ја врaтат на европската агенда
Новиот предлог на германскиот канцелар Фридрих Мерц, со кој се сугерира „асоцијативно членство“ за Украина и статус „привилегиран набљудувач“ за Западниот Балкан ќе се расправа на самитот ЕУ-Западен балкан што на 5 јуни ќе се одржи во Црна Гора и на кој ќе присуствува целиот политички „врв“ на ЕУ, како и лидерите на Франција, Германија, Италија , Шпанија и други земји членки.
На самитот ќе присуствува и претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта кој , според најавите, во јуни ќе дојде во Македонија, со што ќе ја стави повторно на „европската мапа“, откако со месеци е заборавена во Брисел. Точниот датум на неговото доаѓање не се знае, но се очекува да биде тука пред самитот во Црна Гора.
По вторпат во Македонија откако е на функцијата ќе допатува и еврокомесарката Марта Кос, но нејзината посета се најавува за подоцна, во јули. Со каква цел, не е јасно се уште, но видливо е дека последниве недели реториката за ЕУ се враќа кај нас, што може да биде поттикнато од договорот за прием што се пишува за Црна Гора, или од фактот дека Бугарија конечно доби стабилна влада и време е да се турне нашата евроинтеграција.
Имено, за утре е најавена и средба на министерот Тимчо Муцунски со новата бугарска шефица на дипломатијата на министерскиот состанок на НАТО во Шведска. самата средба не значи дека ќе има придвижување, но барем ќе го стесни просторот за изговори во Македонија околу евроинтеграцијата. (С.Ј.)