Што значи за Балканот идејата на Мерц за проширување на ЕУ?
Писмото на германскиот канцелар Фридрих Мерц се прошири низ политички Берлин. Во обраќањето до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, и кипарскиот претседател Никос Христодулидис, чие претседателство моментално раководи со Унијата, Мерц предлага да се внесе нова динамика во процесот на проширување.
Во прв план во писмото е Украина и концептот на „придружно членство“. Во случајот со оваа земја, пред сѐ станува збор за позиционирање во пресрет на преговорите за конечно решавање на нејзиниот статус, во контекст на руската агресија. Канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ) зборува и за „безбедносни гаранции“ за Украина.
Но, на крајот од писмото, кое беше објавено овој четврток (21 мај), иако е испратено на 18 мај, Мерц ја нагласува потребата од „интензивирање на динамиката“ и за земјите од Западен Балкан. Во документот, во кој и Дојче веле имаше увид, се зборува за пристап до економската зона на ЕУ и можност за учество во институциите пред полноправното членство.
„Замислив е, на пример, привилегиран пристап до внатрешниот пазар и поблиски врски со европските институции во секојдневниот процес на донесување одлуки – како што е доделување статус на набљудувач за земјите од Западен Балкан во релевантни институции на ЕУ, како и организирање заеднички седници на Европската комисија или Европскиот парламент со претставници од регионот за прашања што директно ги засегаат“, стои во писмото на Мерц, испратено нешто повеќе од две недели пред самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват.
Иако идејата за „олеснето членство“ не е нова и во различни форми се појавуваше и претходно – последен пат во февруари преку заедничката иницијатива на српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама – реакциите сега се претежно позитивни.
„Најпрво треба да се нагласи дека иницијативата на канцеларот Мерц произлегува од препознавање на потребата за дејствување, што е позитивно“, изјави за ДВ пратеникот од Зелените, Борис Мијатовиќ, член на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот. Тој ја поздравува иницијативата која доаѓа од Берлин, но истовремено укажува дека би било добро во неа да се вклучат и клучните партнери – Франција и Полска.
Позитивни реакции доаѓаат и од регионот. Јаков Девчиќ, директор на канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ за Србија и Црна Гора, оценува дека е важен сигналот за нова динамика во проширувањето.
„Креативните модели на постепена интеграција можат да помогнат да се надминат блокираните процеси и да се создадат нови поттикнувања за реформи“, изјави Девчиќ, додавајќи дека од геополитичка перспектива е „крајно време за дејствување“.
Во Берлин, пак, аналитичарите ја поздравуваат иницијативата, но укажуваат дека нејзиниот примарен фокус е Украина. Според Никола Ксавијереф од Германското друштво за надворешна политика, Западниот Балкан останува во втор план.
„Иницијативата е првенствено осмислена за Украина, со цел да се забрза процесот таму. Во самиот документ јасно се гледа дека Западниот Балкан е второстепен елемент“, посочува Ксавијереф.
Адри Ќеримагиќ од Европската иницијатива за стабилност смета дека иницијативата е резултат на притисок од Киев.
„Ова доаѓа како директна последица од барањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во контекст на можен мировен договор со Русија бараше не само брзо членство во ЕУ, туку и пошироки безбедносни гаранции кои во моментов не може да ги добие преку НАТО“, оценува Ќеримагиќ.
Според анализите, иницијативата не носи суштински новини, бидејќи одредено ниво на интеграција за Западниот Балкан веќе постои.
„Овој предлог отвора повеќе политички, правни и практични прашања отколку што дава одговори. Се чини дека и самиот Мерц е свесен за тоа“, вели Ќеримагиќ.
Дополнителен предизвик е што концептот на „олеснето членство“ не е атрактивен за земјите кои се напреднати во процесот – како Црна Гора, која веќе реагираше резервирано и на иницијативите од Вучиќ и Рама.
„Црна Гора и Албанија не сакаат да останат заглавени во некој меѓупростор без полноправно членство. За Србија и другите кандидати, пак, тоа е поповолна понуда“, оценува Ксавијереф.
Пратеникот Мијатовиќ, пак, го истакнува позитивниот сигнал од тоа што Мерц експлицитно ја спомнал Северна Македонија, што потенцијално би можело да влијае врз Бугарија да го преиспита блокирачкиот пристап.
Соговорниците се согласни дека иницијативата има значење за европската перспектива на регионот, но не претставува конечно решение.
„Предлогот содржи охрабрувачки пораки дека полноправното членство останува цел и дека процесот треба да се забрза. Но, во суштина станува збор за симболично надградување, а не за голем стратешки пресврт“, заклучува Ќеримагиќ, додавајќи дека нема конкретни обврски ниту гаранции за побрз напредок на земјите кои спроведуваат реформи. (Преземено од Дојче Веле)