Муцунски се сретна со Велислава, му ги повторила позициите за Бугарите во Уставот


 

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, по состанокот на НАТО во Хелсингборг, Шведска, се сретна со бугарската шефица на дипломатијата Велислава Петрова-Чомова.

За средбата извести прва бугарската министерка порачувајќи на Икс дека Софија опстојува на барањето за „целосна имплементација на обврските преземени со консензусот постигнат во јули 2022 година“  и дека тој консензус останува „клучен за нашиот пат кон Унијата“.

Притоа таа додава дека гаранциите за првата на македонските Бугари остануваат приоритет за Бугарија. 

Во соопштението за средбата од бугарското министерство за надворешни работи се вели дека фокусот бил ставен на подобрување на регионалната поврзаност, при што двајцата соговорници „ја потврдија стратешката важност на забрзаната изградба на Коридорот VIII за просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот и Европа. Особено, потребни се конкретни чекори за заедничка изградба на прекуграничниот железнички тунел по стапувањето во сила на Меѓувладиниот договор од 6 ноември 2025 година“.

Потоа се додава дека „министерката Петрова го потврди конзистентниот став на Бугарија дека целосното спроведување на обврските преземени кон ЕУ во рамките на европскиот консензус од јули 2022 година е единствената гаранција за одржлив напредок на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ. Министерката Петрова, исто така, изјави дека за Бугарија, приоритет ќе продолжи да биде целосното гарантирање на правата на македонските Бугари“.

Набргу за средбата извести и Муцунски:

На маргините на министерскиот состанок на НАТО во Хелсингборг, Кралството Шведска, остварив средба со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Велислава Петрова.Разменивме мислења за билатералните односи, регионалната соработка и европската интеграција на државата. Ја нагласив потребата од изнаоѓање решение за билатералното прашање, кое го кочи процесот на отворање на преговорите со Европската Унија, реафирмирајќи ги позициите на Владата и укажувајќи дека темите поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори.

Акцент ставивме и на значењето на Коридор VIII и потребата од забрзување на активностите поврзани со отворањето на граничниот премин „Клепало“, како важен дел од регионалната инфраструктурна и економска поврзаност.
 
Го отворив и прашањето за почитувањето на правата на македонското малцинство во Бугарија, нагласувајќи ја потребата од доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права“, извести Муцунски преку социјалните мрежи.