Не е време за дефетизам за ЕУ


АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Ако Македонија ја пропушти и следната шанса за добивање почеток на преговори со ЕУ, односно ако Унијата ја пропушти можноста да ѝ пушти уште летово свеж ветар во грбот на земјава и со тоа да му застане на патот на домашниот евроскептицизам што се интензивира последните години, тоа првенствено ќе значи уште еден празен од за целата држава и нов застој во исполнувањето на нејзините стратегиски цели. Во таков случај, неможноста на властите да обезбедат почеток на преговорите во терминот што сето ова време се најавуваше на големи ѕвона ќе биде од второстепено значење, како и причините за таквата одлука на Европскиот совет. По сите големи исчекори што беа направени – првенствено во делот на добрососедството, а во добар дел и во однос на спроведувањето на итните реформски приоритети, ако државата влезе во нованеизвесност околу следната фаза од евроинтеграцијата, помалку битно ќе биде дали главна причина за тоа е скептицизмот на одредени влијателни земји кон проширувањето на Унијата, како што е Франција, временскиот теснец што се создаде со изборите за Европскиот парламент или оценките за недоволни постигнувања на домашен план во однос на исполнувањето на европските директиви.
Од тој аспект, освен што се прејудицирани, во најмала рака се невкусни ликувањата на опозицијата по неформалниот самит за Западен Балкан во Берлин, од каде што предизборно (и во земјава и во земјите членки на ЕУ), пристигнаа збунувачки сигнали околу шансите нашата земја во јуни да добие почеток на преговори, како што, впрочем, ни беше навестено во заклучоците минатата година, кога заедно со Албанија добивме „условен датум“ . Неизвесноста што се создаде околу очекуваната одлука за почеток на преговорите, можно е да влијае дополнително демотивирачки на дел на гласачите во вториот круг од претседателските избори, особено ако се има предвид апатијата што владееше во првото изборно полувреме. На 5 мај тоа може да се одрази во одреден процент и на бодовното салдо на претседателскиот кандидат на СДСМ и на ДУИ, но тешко дека ќе донесе дополнителни гласови на контото на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, бесмислена е сеирџиско-нострадамовската реторика што се шири од белата палата во стилот „Македонија минатиот јуни не доби датум за преговори, датум за преговори нема да добиеме ниту овој јуни“. Особено е бесмислено и контрапродуктивно кога таква реторика се става во контекст и во функција на предизборната кампања, додека од друга страна на цел глас се повикуваат граѓаните масовно да излезат на гласање.
Впрочем, првиот круг од шестите претседателски избори е најдобар показател за тоа дека гласачкото тело е непредвидливо. Дека знае да казнува за изневерените очекувања или да не ги награди оние што биле во позиција да дадат свој придонес за нивно исполнување, ама не го направиле тоа. Од тој аспект, опозицијата која сега обвинува дека земја која е закована на дното на листите за корупција не може да се надева на членство во ЕУ, треба прво да се запраша колкава беше нејзината заслуга за таа „закованост“, која не е од пред година или две туку влече корени од многу порано, од времето кога Рајнхарт Прибе дијагностицираше девалвирани институции и безбедносен систем, партизирано судство и политизирана администрација, предлагајќи итни реформски приоритети. Пред да почнат да ликуваат и да нагаѓаат дали во јуни ќе има или ќе нема датум за почеток на преговорите, во опозицискиот табор можеби требаше да се запрашаат и кој е нивниот „придонес“ во затворањето на отворените прашања со Грција и со Бугарија, а со тоа и за потпишувањето на Протоколот за членство на земјава во НАТО, освен ако не го сметаат како придонес тивкиот бојкот на референдумот и опструкциите на уставните промени согласно со Преспанскиот договор. Секако, не е за занемарување конструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ во однос на обезбедувањето на потребното мнозинство за донесување на дел од реформските закони посебно од областа на правосудството, како што не треба да се заборават ниту опструкциите што ги прави партијата во однос на донесувањето на законот со кој треба да се реши статусот на СЈО, што сега се смета за еден од клучните критериуми за одлуката на Европскиот совет за почеток на преговорите. Вториот клучен критериум, секако, е успешноста на претседателските избори, што од друга страна може да претставува и мотивирачки фактор за поголема излезеност в недела.
И, конечно, во случај и овој пат на Македонија да ѝ се излизга од раце почетокот на преговорите со ЕУ, секако дека најголема одговорност ќе има актуелната влада. Ама притоа треба да се има предвид дека членството во ЕУ, како и во НАТО, не е проект само на оваа владејачка гарнитура туку дека е стратегиска определба уште од почетоците на независноста. Погледнато од тој агол, нема да биде сè изгубено и ако одлуката за преговори, наместо во јуни, стигне во септември. Ако Македонија чекаше цели 13 години, откако кон крајот на 2005 година ја доби кандидатурата за членство во ЕУ, а притоа преживеа и неколку условени препораки, може да почека уште два месеци повеќе од предвиденото. Сепак, шансите за одлука за преговори уште летово не се сè уште прокоцкани. Затоа и, за разлика од одредени дефетисти на домашната политичка сцена, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, е оптимист дека Европската комисија, кон крајот на овој месец, ќе препорача отворање на преговорите со нашата земја.