НАТО помеѓу заканите на Путин и сарказмот на Трамп


НАНО РУЖИН

Кога во 1999 година сојузниците ја одбележуваа 50-годишнината од Договорот од Вашингтон со кој беше создадена Алијансата, едновремено ги мобилизираа физичките, духовните и геополитичките визии околу претстојниот процес на проширување на НАТО. Токму овие одлуки помогнаа да се дефинираат контурите на “новиот НАТО“ за 21 век. На 4 април 2019, Алијансата го одбележа 70 годишниот јубилеј од постоењето. На истиот датум, РСМ одбележа и 20 години од добивањето МАП-членство, вид кандидатски статус во Алијансата, што претставува и неславен рекорд во чекање пред вратите на НАТО. За споредба, Албанија чекаше 9, а Хрватска 8 години.

Северноатлантскиот договор, кој поинаку се нарекува и Договор од Вашингтон, беше создаден во екот на студената војна (1949) врз основа на заедничките вредности на државите основачи без да се споменуваат државите против кој бил насочен тогашниот воен сојуз. Единствено, потписниците се изјасниле за одбрана на територијалниот суверенитет и интегритет. Документот бил пишуван со мек јазик за да ја олесни адаптацијата на членките кон меѓународниот стратегиски контекст. Од конституирањето во 1949, без никаков цинизам, НАТО го оправда своето постоење. Се појавија нови безбедносни предизвици, кон кои Алијансата настојуваше да се справи со дипломатски и воени средства, со софистицирана технологија,управување со кризите и мудар дијалог. Затоа кога се евоцира јубилејот на НАТО, без сарказам може да се констатира дека во 21 век, Алијансата еволуира во посовремена, подинамична и глобална политичка и воена институција, способна да се соочи со новите безбедносни предизвици.

Во годините по Студената војна, НАТО настојуваше да воспостави дијалог и практична соработка со Русија во домени од заеднички интерес. Во 2014 по нелегалната анексија на Крим, целокупната практична соработка меѓу НАТО и Русија беше суспендирана. Агресивните акции на Русија во Украина, нејзиниот дестабилизаторски однос и прибегнувањето кон хибридни акции против државите на евроатлантскиот регион го модифицираа опкружувањето на меѓународната безбедност, што резултира со порастот на непредвидливостите во доменот на безбедноста.

Според Годишниот извештај на генералниот секретар Јенс Столтенберг, во текот на 2018 година меѓу Русија и сојузниците се манифестирале неколку инциденти од безбедносен карактер. Во март 2018 Алијансата го осуди нападот врз поранешниот руски агент со невротоксичен отров во Салсбери. Во октомври Холандија и Обединетото Кралство ги информираа сојузниците за обид на информатичко пиратирање на Организацијата за забрана на хемиското оружје – за што беа осомничени руските воени служби. Во ноември Русија ги зароби трите украински бродови кои биле во украински територијални води. Во декември, МНР на НАТО заклучија дека Русија развила и воспоставила ракетен систем кој го повредува Договорот за нуклеарните сили на среден домет. Како реакција на споменатите настани, од самитот во Брисел и се порача на Москва дека „Русија е должна да го почитува договорот“, се заложи за поуспешно справување со хибридните напади и за зголемување на одбранбените буџети на членките. Во седиштето на НАТО во Брисел, кога генералите ги евоцираат научените лекции од кризите, со децении ја повторуваат древната африканска поука дека „старите мајмуни не треба да се учат да прават гримаси“. Така е и со искуствата на хибридните напади. Една држава која е цел на хибридна опасност со задоцнување ќе сфати дека била таков таргет. Методологијата на класичниот хибриден напад е јасна. Таа се манифестира кога државите и недржавните актери прибегнуваат кон хибридни напади за дестабилизација на непријателот преку: пропаганда, лажни вести, саботажи и други невојни средства. Овие алатки постоеле отсекогаш и тука ништо нема ново. Она што е ново е брзината на дејствувањето, ширината на егзекуцијата и интензитетот на нападот.

На самитот во Шкотска во 2014, шефовите на државите и владите на НАТО го усвоија документот за инвестирање во одбраната. Со овој акт се бараше зголемување на трошоците во доменот на одбраната од минимум 2 отсто од БНП на државите членки. Таквата одлука се потпира врз големиот расчекор помеѓу придонесите на САД со оној на членките. Во текот на изборната кампања Доналд Трамп им се закани на европските сојузници : Зошто САД да ја финансираат одбраната на Европа? Негова мета беше Германија. Трамп со една преторијанска реторика ја критикуваше рационалната Меркел дека е парадоксално една богата држава како Германија да издвојува само 1,25 отсто од својот БНП. Соочени со руските закани, Европејците го зголемија буџетот во одбраната. Додека во 2017 учеството на САД покривало 70 отсто од буџетот на Алијансата, во 2018 година паритетот САД-Европа бил израмнет и изнесува 50:50 отсто. Во 2018 седум држави членки на Алијансата издвоиле за одбранбениот буџет над 2 отсто од БНП за разлика од само три членки во 2014 година. Изразено во реални вредности, трошоците на НАТО за одбрана помеѓу 2017 и 2018 се зголемиле за 4 отсто или за 41 милијарди долари. Перспективно, европските членки и Канада ветија дека до 2020 ќе ја достигнат фантастичната сума од 100 милијарди долари за одбраната и психолошката граница од 2 отсто од БНП. Кога е во прашање финансирањето на НАТО, во Алијансата постојат три различни буџети. Членки придонесуваат директно во буџетот на НАТО, чија потрошувачка достига просечно до 2 милијарди евра. Главни придонесувачи се САД со 22,14 отсто, Германија со 14,65, Франција со 10,63 и Обединетото кралство со 9,85 отсто. Воениот буџет на Алијансата е најзначајна ставка, достига 1,29 милијарди евра и е поделен во 36 подбуџетски секции. Цивилниот буџет достига 235 милиони евра во 2017 и ги покрива трошоците на програмите на Меѓународниот секретаријат на НАТО и платите и опремата за 6.000 вработени од кои 1.000 работат во седиштето на Алијансата во Брисел. Меѓутоа индиректниот буџет на НАТО односно националните буџети на армиите на членките на Алијансата се суштинските димензии кои ја чинат оваа институција најмоќна светска воена и политичка сила. Во оваа сфера се издвојуваат близу 1.000 милијарди евра годишно. Во 2016 САД издвоиле 3,61 отсто од БНП односно 625,41 милијарди евра. Европа значително заостанува со 224,92 милијарди евра. Во овие астрономски суми, издвојувањето за одбраната во идната членка на Алијансата, Република Северна Македонија, во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ спадна на 1,1 отсто односно околу 100 милиони евра. Овие средства главно биле наменети за платите на вработените и се далеку од стандардите на Алијансата. Со Преспанскиот договор и поканата за членство, првпат по десет години беше зголемен буџетот на одбраната. Според зборовите на министерката за одбрана, Шекеринска, Алијансата ќе има разбирање за РСМ, која преку годишното зголемување на буџетот на одбраната за 0,2 отсто или 25 милиони евра ќе успее да ги интензивира реформите.

(Авторот е универзитетски професор)