Наследството на Иванов


 

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Од понеделник, Ѓорге Иванов ќе биде поранешен претседател на Република (Северна) Македонија. Иако беше најдолго на функцијата од сите досегашни претседатели, не остави трајни белези, со оглед на тоа што и во двата мандата често се дистанцираше или пак ги опструираше најкрупните политички процеси – во зависност од тоа која гарнитура во даден момент беше на власт на „Илинденска“. Затоа и единствена светла точка на која ви текнува „од прва“ во неговата претседателска кариера, веројатно е ангажманот што го имаше во екот на мигрантската криза, додека на внатрешен план земјата беше пред политичка агонија, со влада која се соочуваше со меѓународна изолација.

Четвртиот шеф на државата ја завршува кариерата како докажан противник на договорот со кој се затвори долгогодишниот спор за името со Грција, а се отворија евроатлантските перспективи на земјата. Но Иванов имаше среќа само околу три месеци да биде претседател на Северна Македонија. Имаа среќа и членовите на Владата и на парламентот, како и многу други институции и субјекти, затоа што, ако продолжеше блокадата на законите поради новото име, веројатно сите процеси ќе се движеа кон ќор-сокак.

Иако му беше проблем да стави потпис на Преспанскиот договор, а претходно и на Законот за јазици, како што потоа избегнуваше да ги потпише и законите на кои стои новото име на државата, на Иванов очигледно не му е проблем да го потпише решението за негово заминување во политичка пензија, каде што,  исто така, ќе стои придавката „Северна“.

Тој дојде на функцијата кога имаше 49 години, а заминува од резиденцијата на Водно како единствен претседател досега што е избран два пати на непосредни избори. А прашање е дали ќе се случеше тоа доколку политичките прилики во земјава не му одеа во прилог на досегашниот претседател?

Во својот прв мандат, тој главно се „прослави“ по серија гафови и учество на низа настани од локално значење, функционирајќи длабоко во сенката на тогашниот премиер Никола Груевски и неговата свита на „Илинденска“, за која, пред изборите во  2014 година, беше најлесно да му се даде уште една шанса на дотогашниот претседател. Во ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ беше сè уште неприкосновена во сите пори на власта, и за Иванов не беше проблем во трката за вториот мандат да извојува победа над тогашниот опозиционер Стево Пендаровски, кому, пак, в недела ќе му ги предаде клучевите од претседателската вила.

Таа досега невидена коинциденција, кога претседателот на заминување му ја предава функцијата на кандидатот што го дисквалификувал пред пет години, е своевидна парадигма за турбулентната промена на околностите и на распоредот на сили во политичката арена во земјава во период од половина деценија. Новата убедлива победа на Иванов, а паралелно и на Груевски – на двојните избори во 2014 година, погледнато од оваа временска дистанца, всушност, е критичниот момент кој го навести „калирањето“ на тогашната извршна власт, и покрај првичниот впечаток за нејзино дополнително зајакнување и потврдување.

Дури откако во почетокот на 2015 година почнаа поизразено да се нишаат темелите на десничарската владејачка постава, во моментите кога од „Бихаќска“ почнаа да одекнуваат „бомби“, Иванов доби шанса да  почне да излегува од сенката на своите политички покровители. Но не за да влезе во конкурентска битка со нив. Туку да им помогне да избегнат одговорност за сите лоши политики, корупциски скандали, прекршувања на основни човекови права и погазувања на закони… за што опозицијата како на тацна им ги сервираше доказите на граѓаните преку снимките од масовното прислушување. На крајот, таа асистенција на Иванов се покажа контрапродуктивна за целиот тогашен владејачки естаблишмент.

Колективната аболиција пролетта 2016 година претставуваше пресвртна точка во претседателската кариера на Иванов. Тоа беше моментот кога тој го навлече и револтот на меѓународната заедница, иако и претходно мошне често ги критикуваше странските фактори за наводни непринципиелни политики и влечеше потези кои ја одвлекуваа државата од евроатлантскиот пат. Да не беше аболицијата, можеби ќе ја немаше ни „Шарената револуција“, барем не во тој миг и многу работи можеби ќе се одвиваа поинаку. Иванов, пак, веројатно немаше да биде запишан како прв претседател во историјата на независноста против кого беше покренат импичмент.

Всушност, требаше ВМРО-ДПМНЕ да замине од власт за Иванов навистина да почне да ја дели извршната власт со премиерот и да ја критикува владата. Но во поголем број случаи и тоа го правеше несоодветно и на погрешни теми. И тоа уште од самиот почеток, кога не го даваше мандатот за формирање на новата влада на СДСМ и ДУИ, подгревајќи ја со тоа климата за настаните до кои дојде на 27 април 2017 година, па до опструкциите за решавањето на проблемот со Грција и последните кочници за законите што ги донесе парламентот.

Во 2009 година, Иванов излезе од катедрата на Правниот факултет како натпартиски кандидат за шеф на државата, за во годините потоа да демонстрира непримерна лојалност кон партијата што го донесе до претседателската фотелја. Сега, кон крајот на шестата деценија од животот, Иванов реши да не се враќа на Правниот факултет. Една од причините можеби е тоа што, по деценискиот стаж во политичкиот врв, веќе нема што да им порача на студентите. Односно, нема да биде едноставно да ги подучува дека мора да се почитуваат Уставот и законите на државата и меѓународните норми, кога самиот тој не го правеше тоа во повеќе наврати, додека ја извршуваше претседателската функција – и кога ја потпиша, па ја повлекуваше колективната аболиција и кога употребуваше „џебно вето“ и кога унапредуваше старешини во период на избори…

На неговиот наследник – Пендаровски, пак, освен триесетина непотпишани закони,  Иванов му остави во наследство и повеќе ненапишани лекции за тоа како не треба да се однесува и што не треба да прави ако сака навистина да биде консензуален претседател. Но не во смисла да биде прифатен од сите етнички заедници, туку да влече потези што ќе бидат во интерес на целата држава и на сите граѓани – не само на оние кои му дадоа доверба на 21 април и на 5 мај. И да соработува со владата – но не како верен следбеник на сите нејзини политики, макар и да се погрешни. Туку како конструктивен коректор и критичар кога тоа ќе биде потребно.