Наместо на конгрес, врвот на ВМРО-ДПМНЕ реши да излезе на улица

Христијан Мицкоски на барањата за оставка одговори со радикализацијата на односот кон новата влада по само 10 дена

Новата Влада доби едвај 10 дена „грејс-период“ од опозицијата, наместо очекуваните 100 дена политичко примирје. Но прашање е кому повеќе му гори под нозете – на Заев или на Мицкоски, кој оди сѐ подесно

 

ВМРО-ДПМНЕ, се чини, ниту овој пат нема намера да биде конструктивна опозиција, како што премерот Зоран Заев апелираше во завршниот говор како мандатар, на минатонеделната собраниска седница, откако во текот на расправата Игор Јанушев се закануваше со политички пекол за новата власт, а Александар Николоски најави масовни протести што ќе почнат уште овој месец.

Како почетен термин за протестите, ВМРО-ДПМНЕ го избра денешниот ден или ден по прославата на 29-годишнината од независноста на државата. Така, новата Влада на СДСМ и на ДУИ, што беше избрана на 31 август, доби едвај 10 дена „грејс-период“ од опозицијата, наместо очекуваните 100 дена политичко примирје, по осуммесечното владеење на техничката влада на Оливер Спасовски.

Континуитетот во владеењето на коaлицијата на СДСМ и на ДУИ е еден од аргументите на кои се повикува опозицијата за идејата да излезе на улица  веднаш по конституирањето на новите институции на законодавната и на извршната власт во земјава по изборите на 15 јули.

Првиот од серијата протести што ги најави ВМРО-ДПМНЕ ќе биде посветен на поскапувањето на струјата – одлука што Регулаторната комисија за енергетика ја донесе кон крајот на јули, односно во постизборниот период пред да почнат преговорите за состав на новата влада. Оттогаш, во повеќе градови во земјава, се одржаа граѓански протести, додека ВМРО-ДПМНЕ дури сега ќе се обиде да се приклучи на фонот на граѓанското незадоволсто поради поскапувањето на струјата за 7,4 отсто.

Вториот аргумент на ВМРО-ДПМНЕ за брзото излегување на улица е дека и во други земји од регионот во последните месеци зоврива незадоволството од недемократското владеење на тамошните власти. Сепак, оваа аргументација не е доволно издржана, ако, на пример, се земе предвид дека во Црна Гора, во суштина, се случуваат судири меѓу  приврзаниците досегашната опозиција и на досегашната владејачка гарнитура со над тридецениски  стаж (нешто што повеќе наликува на домашните случувања во периодот по изборите во 2016 година, кога ВМРО-ДПМНЕ не ја даваше власта) или дека во Бугарија меѓу главните поддржувачи на протестите против владата на Бојко Борисов е претседателот Румен Радев.

Во секој случај, протестите што ги најави раководствот на ВМРО-ДПМНЕ се легитимни, како што оцени и Заев, иако, од друга страна, може да биде дискутабилно колку е политичкк коректно излегувањето на улица во избраниот термин. Ако се анулира тоа што старо-новата влада е на самиот почеток, како посебно несоодветен момент може да се посочи тоа што протестите почнуваат во период кога се очекува сите политички сили во земјата да ги збијат редовите во пресрет на почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ до крајот на годинава, со одржувањето на првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство со Унијата.

Мицкоски, во своето вчерашно обраќање по повод Денот на независноста, истакна дека и 29-години подоцна зборуваме за истите цели како и во времето кога се создаваше државата, притоа анулирајќи го фактот дека Македонија првпат прославува годишнина од осамостојувањето како членка на НАТО и како држава која е пред старт на преговорите со ЕУ.

Заев, пак, на централната прослава по повод празникот, ја повика повторно опозицијата да ги напушти, како што рече, тесноградите партиски интереси и да покаже државничко однесување.

Ама, Мицкоски, ако се суди според протестот најавен за денеска попладне, веројатно засега нема намера да го послуша својот главен политички ривал. Напротив, неколку чекори што опозицијата ги направи во овој период укажуваат на тоа дека таа е поблиску до радикализација, отколку до демонстрација на конструктивност во соработката со владејачките партии. Во тој контекст, може да се анализира  и вчерашната одлука Александар Пандов, еден од најотворените противници на Преспанскит договор и поборник за бојкот на референдумот за името, да биде поставен за претседател на новоформираниот Патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова кадровско решение и не е големо изненадување, ако се имаат предвид изјавите со кои Пандов во постизборниот период ги напаѓа критичарите на Мицкоски кои бараат негова одговорност за изборниот пораз, а кои, во суштина, имаа пофлексибилен став во однос на Преспанскиот договор и уставните измени што произлегоа од него, како неминовност која доведе до деблокада на евроатлантските процеси на земјата.

„Сите тие кои бараат оставка од Мицкоски тоа го прават од личен интерес. Среќна околност е што тие луѓе се политички импотентни. Тие ликови нема да добијат гласови ниту од своите фамилии без ВМРО како предзнак до нивните имиња“, рече Пандов во емисија на Канал 5.

Иако освои и помалку гласови и два мандати помалку од СДСМ, по што испаднаа невозможни и неговите обиди барем да влезе во преговори за составување на новата влада, како услови што Мицкоски ги најави пред изборите за негово останување на лидерската функција, тој засега не планира да ги послуша незадоволнците во ВМРО-ДПМНЕ кои бараат вонреден конгрес како тест за довербата во поразеното партиско раководство. Наместо на конгрес пред делегатите, Мицкоски реши да излезе на улица и битката против старо-новата влада на СДСМ и на ДУИ да ја почне надвор од институциите.  Од тој аспект, денешниот протест ќе биде прв тест за мобилизирачкиот потенцијал на опозицијата веднаш по новиот изборен пораз што го доживеа актуелното партско раководство, што предизвика и нови внатрепартиски поделби и искричења. (Н.В.)