(Видео) Воведни обраќања, „Скопската иницијатива“
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска е биде домаќин на меѓународна конференција на која ќе биде промовирана „Скопската иницијатива“, заедничка активност за поврзување на прогресивните и социјалдемократските партии од регионот и Европа.
„Скопската иницијатива“ ја покрена претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче, со што прогресивните сили од регионот и Европа заеднички застануваат во борбата против авторитарните режими, борбата против корупцијата и за европска интеграција на регионот, соопштија од партијата.
Заедничка активност која ги обединува регионалните прогресивни и социјалдемократски сестрински партии за демократски, европски и просперитетен Западен Балкан.
Работната тема на конференцијата е „Мобилизација за иднината на прогресивните сили на Западен Балкан“. На високо ниво ќе присуствуваат регионалните прогресивни и социјалдемократски сестрински партии, како и претставници на социјалдемократски и прогресивни фондации од регионот, од Партијата на европските социјалисти (PES), Групата на социјалисти и демократи (S&D Group), Социјалистичката интернационала (SI), Фондацијата за европски прогресивни студии (FEPS), сестринските партии од Европската Унија, како и членови на Управниот одбор и Советодавниот совет на Родовата мрежа на Централна и Источна Европа и други партнери на Корчуланската школа.
Од 10:30 до 12:30 часот следува работен дел од затворен карактер.
Во 12:30 часот во салата К2 ќе се одржи заедничка прес-конференција на претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче, Џакомо Филибек, генерален секретар на Партијата на европските социјалисти и Даша Шашиќ Шиловиќ од Корчуланската висока политичка школа.
Во 15:00 часот започнува панелот „Западен Балкан и новите геополитички случувања“, кој ќе го отвори и модерира Борко Стефановиќ, потпретседател на Партијата за слобода и правда на Србија.
Панелисти на овој панел се: Џакомо Филибек, генерален секретар на Партијата на европските социјалисти; Тамара Трипиќ, претседателка на Мрежата за демократски дијалог од Србија; Мачрис Кабрерос, координатор на Прогресивната алијанса (Progressive Alliance); Кнут Флекенштајн, поранешен потпретседател на Групата на социјалистите и демократите во Европскиот парламент и советник на FEPS за Западен Балкан.
Од 16:30 до 18:00 часот е панелот „Западен Балкан и динамиката на проширувањето на Европската Унија“, кој ќе го отвори и модерира Александар Спасов, професор на Правниот факултет во Скопје.
Панелисти на овој панел се: Марко Вешлигај, пратеник во Европскиот парламент (SDP Хрватска); Ромина Куко, пратеничка и меѓународна секретарка на Социјалистичката партија на Албанија; Ласло Андор, генерален секретар на FEPS; Иван Вујовиќ, претседател на СДП Црна Гора.