Кошта: Одбројуваме до следното проширување на ЕУ

Рама: Постојат три работи што не можете да ги предвидите: Бог, секс и ЕУ!


Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, објави дека Црна Гора денес ја приближува Европа до регионот и дека ова е моќна порака.

„Покажавме голема зрелост и испративме порака дека Црна Гора е дел од Европа. Самитот покажа дека политиката на проширување е важна и дека е стратешка инвестиција. Европскиот пат на Црна Гора имаше различни фази – периоди на успех и за жал периоди на стагнација, но од 2023 година целта на Црна Гора е земјата да стане дел од Унијата до 2028 година, што стана национален проект. Со целосно убедување верувам дека оваа цел е реална и остварлива“, рече Милатовиќ на прес-конференција во Тиват со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Милатовиќ рече дека постојат три важни димензии – првата членство, што би било триумф на новата политичка култура и лидерство, знак за успехот на јавната администрација и потврда за успехот на долгорочните реформи.

„Втората димензија е регионална, бидејќи Црна Гора сака да биде охрабрување и пример за другите во Западен Балкан дека ЕУ е патот до реалноста. Третата е европската димензија, бидејќи така се испраќа пораката за кредибилитетот и привлечноста на европскиот проект. Ова е процес што оди подалеку од нашите граници, бидејќи е важен за регионот и Европа, а нашето членство ќе испрати порака дека европскиот сон е жив. Сметаме дека Црна Гора е подготвена, бидејќи сме подготвени да ги исполниме преостанатите услови. Европската интеграција е во сржта на нашата историја и борбата за слобода. Борба за слободна Европа. Откако бев избран за претседател пред три години, јасно кажав дека целта е членство во 2028 година. Верувам дека ова е реална цел“, рече Милатовиќ.

Тој им се заблагодари на Кошта и фон дер Лајен, но и на сите лидери кои дојдоа на самитот, бидејќи, како што рече, испратија силна порака за европско единство.

Кошта нагласи дека минатиот месец ЕУ започна со пишување на Договорот за пристапување на Црна Гора и тоа е прв пат ова да се случи по 2013 година, што е многу важно. „Иднината на Западен Балкан е поврзана со иднината на Европската Унија и сега навистина одбројуваме до следното проширување на Унијата – Црна Гора да стане 28-ма членка до 2028 година“, рече Кошта. Според него оваа земја неодамна започнала со подготовка на нацртот за заклучување на преговорите за пристапување во ЕУ откако постигнала „нешто навистина импресивно“ во последните 20 години.

Тој проговори и пошироко за процесот:

„ЕУ е заедница на вредности и сојуз на успех и просперитет. Разгледуваме нови идеи за водење на процесот на проширување и дополнително зајакнување на довербата“, рече Кошта и ги повика сите кандидати да го искористат моментот и да ги преземат сите чекори за усогласување со политиката на ЕУ.

„ЕУ е заедница и проект на кој сите работиме заедно, а пристапувањето на овој регион од Западен Балкан останува наш приоритет. Западен Балкан може да смета на нашата континуирана поддршка. Регионот е дел од Европа и мислам дека денес беше испратена силна порака во таа смисла“, рече Кошта.

Фон дер Лајен истакна дека денес разговарале за тоа како да се зајакнат врските меѓу регионот и ЕУ, и ова не е само ветување за иднината, туку и стратешка насока.

„Планот за раст на ЕУ е многу важен, отвораме дел од заедничкиот пазар за компаниите од регионот и тие имаат можност да го прошират својот бизнис, а со тоа доаѓаат и инвестиции. SEPA веќе е воведена во некои земји во регионот, и тоа е важно. Доколку целиот регион беше вклучен во SEPA, тоа би им заштедило на локалните компании околу една милијарда евра. Друго прашање е укинувањето на роамингот. Ова е процес базиран на заслуги, што значи дека можеме да ги наградиме реформите со конкретна интеграција. Овој самит беше обележан со решителност и посветеност. Решителност процесот да се заврши и посветеност кон европската иднина. Мислам дека целта Црна Гора да биде дел од ЕУ во 2028 година е како сонот да се претвори во реалност“, рече фон дер Лајен.

Таа истакна дека сите се фокусирани на истата цел и дека реформите направени во Црна Гора се импресивни.

„Постигнати се импресивни реформи и можеме само да ве охрабриме да успеете да ги затворите сите поглавја и кластери до крајот на оваа година, односно да го изготвите договорот за пристапување и да го започнете процесот на ратификација. Секако, ова ќе биде само почеток на полноправно членство во ЕУ“, рече Фон дер Лајен.

Како одговор на прашање за процесот на пристапување на Србија во ЕУ, таа нагласи дека реформите мора да се спроведат и тоа е камен-темелникот на процесот.

„Доколку Србија ги исполни условите и ако напредува, и Европската комисија ќе ги исполни своите обврски“, рече Фон дер Лајен.

Коментирајќи го француско-германскиот предлог, Милатовиќ рече дека го смета за конструктивен предлог, но случајот со Црна Гора е единствен.

„Договорот за пристапување веќе ни се пишува и мислам дека нашиот статус е поинаков“, рече Милатовиќ.

Кошта кажа дека се слушаат неколку предлози и се разговара за модели за да се направи пристапниот процес поефикасен и оти смета дека статусот на Црна Гора е поинаков.

Фон дер Лајен уште еднаш повтори дека процесот останува целосно заснован на заслугите и на она што е конкретно постигнато. 

И додека Црна Гора брои денови и живее во еуфорија, Мицкоски праќа видеа од самитот бидејќи нема што да и донесе на нацијата од Тиват. Додека ВМРО-ДПМНЕ  чека ЕУ да се смени и „европеизира“,  граѓаните можат само да бројат колку земји што влегле во процесот по нас, стигнале подалеку од нас. Дури и јавно се израдуваа дека ЕУ ќе ни нуди постепено интергрирање за да не мора да објаснуваат зошто не прават ништо да добиеме членство, а ќе можат раат да одат на самити и да праќаат видеа и фотографии за успесите.

Дека неискреноста во преговорите им е јасна на сите се виде од пораката на Мерц до Србија дека треба самата да си реши дали сака да влезе во ЕУ или да излезе од процесот, но и фрустрираноста на Еди Рама кој како и ние сега гледа како Црна Гора му го зеде ореолот само затоа што проба да седи на два стола, и да биде за ЕУ и да се стави комплетно на располагање на претседателот на САД Доналд Трамп и неговите бизниси во Европа и Блискиот Исток.   Рама самиот го опиша најдобро тоа одговарајќи на прашањето кога Албанија ќе се приклучи на ЕУ.

„Постојат три работи што не можете да ги предвидите: Бог, секс и ЕУ.“