Мерц до Западен Балкан: Целта е и останува полноправното членство


Европската Унија им сигнализирала на шесте држави од Западен Балкан дека треба да станат нејзини членки, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по завршувањето на самитот ЕУ–Западен Балкан во црногорскиот град Тиват.

„Јасната порака на денешниот ден е и ќе остане: Ве сакаме! И сакаме овој регион, овие држави од регионот, наскоро да станат членки на Европската Унија”, изјави Мерц во петокот попладне. „Целта е и останува полноправното членство на сите држави од регионот на Западен Балкан, бидејќи имаме стратешки интерес овие држави да ги поврземе со нас, со Европската Унија.”

Мерц најави и промена на стратегијата, со која ќе се овозможи постепено приближување на земјите од Западен Балкан кон Унијата. Предлогот на Германија и Франција за реорганизација на процесот на пристапување кон Европската Унија, според германскиот канцелар , наишол на „широка поддршка“ од страна на ЕУ, земјите членки и државите од Западен Балкан.

„Сега ќе започнеме постепен процес“, изјави Мерц. Постепениот процес ќе значи „најнапред да го отвориме патот и кон институциите, на пример за учество како набљудувачи на седниците на Европскиот совет, а можеби и на Европскиот парламент“. Сепак, за ова ќе треба да одлучи самиот Европски парламент во рамките на своите надлежности.

„Нема веќе да има изговори, туку ќе има многу конкретни, но индивидуални процеси што ќе се однесуваат на секоја одделна држава од Западен Балкан“, додаде германскиот канцелар.

Мерц изрично нагласи дека новата стратегија се однесува и на Србија, по тоа што го нарече „многу директен разговор” со српскиот претседател Александар Вучиќ, воден заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.

„Му кажавме многу јасно што очекуваме, но истовремено му дадовме јасна понуда дека патот на Србија кон Европската Унија е отворен”, нагласи Мерц.

Сепак, германскиот канцелар не остави простор за двосмисленост: „Србија мора да одлучи каде стои. Политика на нишање меѓу Русија, Кина и Европа — тоа не може да постои”, изјави тој, алудирајќи на блиските односи што српската влада ги одржува со Пекинг и Москва. „Србија мора јасно да одлучи каде ја гледа својата иднина. И ако одговорот од Србија е Европа, тогаш одговорот од Европа е Србија.”