Мерц: Србија мора да избере помеѓу Европската Унија, Русија и Кина
Во петокот, на крајот од самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, европските лидери ја потврдија својата посветеност на проширувањето на ЕУ и ѝ порачаа на Србија дека нејзиниот напредок кон членство зависи од спроведувањето на реформите и усогласувањето со европската надворешна политика, односно дека Белград мора да избере помеѓу Европа, Русија и Кина.
На денешниот самит, кој помина без усвојување на заедничка декларација, лидерите на ЕУ и нејзините земји-членки ја потврдија својата посветеност на процесот на проширување на Европската Унија, пренесува словенечката новинска агенција СТА.
Уште еднаш, тие ја истакнаа Црна Гора како водечки кандидат, која сака да стане 28 членка на Унијата до 2028 година, и ја повикаа Србија да ја реформира и усогласи својата надворешна и безбедносна политика со политиката на Европската Унија.
Фридрих Мерц им рече на новинарите во Тиват дека Србија мора јасно да одлучи каде ја гледа својата иднина.
„Не е можно да се води политика на колебање помеѓу Русија, Кина и Европа. Патот на Србија кон ЕУ е отворен, но мора да одлучи на чија страна ќе биде“, рече тој.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пишува СТА, потврди по состанокот дека неколку земји инсистирале на прашањето за санкции против Русија поради војната во Украина, кои Србија сè уште не ги вовела.
„Тоа е она што нè замолија да го направиме“, рече тој.
Тој ги оцени разговорите како позитивни, а како најважно ја издвои француско-германската иницијатива за поедноставување или забрзување на процесот на проширување.