Накитот на Клаудија Кардинале продаден на аукција за 826.000 евра


Накитот што ѝ припаѓаше на француско-италијанската актерка Клаудија Кардинале, која почина во септември, беше продаден на аукција во петок за 826.262 евра, изјави аукциската куќа „Кристи“ за АФП.

Накитот вклучува „дваесет парчиња што Клаудија Кардинале ги сакаше и носеше“, се вели во соопштението. Дел од приходите ќе одат во Фондацијата „Клаудија Кардинале“, која актерката ја основа со својата ќерка за да им помогне на младите современи аудиовизуелни уметници, особено на жените.

Резултатот од аукцијата ги надмина проценките на „Кристи“, објасни куќата, додавајќи дека сите парчиња накит биле продадени.

Легенда на италијанското кино, Клаудија Кардинале беше муза на големи режисери како Лукино Висконти, Федерико Фелини и Серџо Леоне. Таа глумеше во повеќе од 150 филмови во Италија, Франција и Холивуд и беше една од иконските актерки на италијанското кино, заедно со Џина Лолобриџида и Софија Лорен.

Таа почина на 23 септември минатата година во Немур, во близина на Париз, каде што живееше многу години.