Над 110 нобеловци бараат итно ослободување на иранската активистка Наргес Мохамади


Техеран – Повеќе од 110 добитници на Нобеловата награда ги повикаа иранските власти итно и безусловно да ја ослободат активистката Наргес Мохамади, откако поради сериозно нарушено здравје таа е префрлена во затворска болница во Техеран.

Во заедничкото соопштение, 112-те нобеловци побараа на Мохамади да ѝ се овозможи континуирано медицинско лекување, предупредувајќи дека нејзиниот живот е во непосредна опасност.

Мохамади, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2023 година, на 10 мај била префрлена во болницата „Парс“ во Техеран. Според нејзините претставници, таа изгубила значителна телесна тежина, има нестабилен крвен притисок и сериозни срцеви симптоми, а во еден момент била пронајдена без свест во ќелијата по можен срцев удар.

Потписниците на соопштението побараа отфрлање на сите обвиненија против неа, нагласувајќи дека со месеци ѝ била ускратувана специјализирана медицинска нега. Меѓу потписниците се писателите Ани Ерно и Џон Максвел Куци, како и американската активистка Џоди Вилијамс. Јеменската нобеловка Тавакол Карман ја опиша Мохамади како „неустрашлив глас на жените кои се борат против угнетувањето“.

Нејзиниот син, Али Рахмани, изјави дека привременото пуштање не е доволно и побара траен прекин на судскиот прогон. Мохамади е повеќепати апсена од 1998 година поради нејзиниот активизам против смртната казна и задолжителното носење хиџаб. Осудена е на вкупно над 44 години затвор и 154 удари со камшик.