Поранешниот тајландски премиер Таксин Шинаватра ќе излезе од затвор по помилувањето од кралот
Поранешниот тајландски премиер Таксин Шинаватра ќе биде ослободен откако ќе му биде дадено кралско помилување, објави денеска министерот за правда на земјата.
На Шинаватра му остануваат за дослужување нешто повеќе од три месеци од неговата едногодишна затворска казна, откако минатиот месец беше условно ослободен по осум месеци затвор, објавија британските медиуми.
Според официјалниот кралски весник, кралот Маха Ваџиралонгкорн им дал помилување на одредени затвореници по повод роденденот на кралицата Сутида на 3 јуни.
Министерот за правда на Тајланд, Рутафон Наоварат, потврди дека Шинаватра е меѓу лицата опфатени со помилувањето, но рече дека треба да се завршат административните процедури пред тој да биде официјално ослободен од затвор.
Адвокатот на Шинаватра рече дека не може веднаш да ја потврди одлуката, но рече дека поранешниот премиер ги исполнува условите за помилување.
Овој 66-годишен милијардер се врати во Тајланд во 2023 година по 15 години минати во егзил за да отслужи затворска казна за злоупотреба на службена должност и судир на интереси за време на неговиот мандат како премиер од 2001 до 2006 година.
Претходно, неговата казна беше намалена на една година со кралско помилување, по што дел од времето го помина во болница, а потоа и на условна слобода.
Минатата година, Врховниот суд на Тајланд нареди негово враќање во затвор, оценувајќи дека неговиот престој во болница не е целосно оправдан.
Шинаватра со децении е една од највлијателните и најконтроверзни политички личности во Тајланд, а неговите правни и политички проблеми се интензивираа по промената на владата во земјата минатата година.