На автопат во Германија се излеа гориво, предизвикана штета од над 100.000 евра
Камион истури стотици литри дизел-гориво на автопат во централна Германија, откако неговиот возач изгубил контрола врз возилото на влажен коловоз, соопшти германската полиција, а пренесува ДПА.
Педесет и двегодишниот возач синоќа се движел со брзина несоодветна на условите на патот по автопатот А4 во близина на гратчето Бад Херсфелд во покраината Хесен, кога ја пробил заштитната ограда и го оштетил резервоарот во кој имало околу 600 литри дизел-гориво.
Разнесено од дождот и од возилата што минувале понатаму, горивото го покри коловозот и претвори делница долга околу 100 метри во опасна и лизгава зона, соопшти полицијата.
Властите привремено го затворија тој дел од автопатот меѓу Фридевалд и Бад Херсфелд и го пренасочија сообраќајот. Во инцидентот нема повредени лица.
Материјалната штета се проценува на повеќе од 100.000 евра.
Акцијата за расчистување, во која биле вклучени специјализирани возила и механизација за чистење на патиштата, траела неколку часа. Сообраќајот по автопатот е повторно воспоставен утрово.