МЗТ Аеродром во ФИБА Европа Купот
Со особено задоволство можеме официјално да потврдиме дека МЗТ Скопје Аеродром во сезоната 2026/27 ќе биде дел од групната фаза на ФИБА Европа Купот, со што нашиот клуб повторно ќе заигра на европската сцена по пауза од две ипол децении.
Настапот во ова натпреварување претставува уште една потврда за континуираниот развој на клубот, но и нов голем предизвик за сите во сино-белото семејство. Во претстојната сезона, покрај обврските во АБА2 лигата и домашната Суперлига, МЗТ Скопје ќе се натпреварува и во Европа, што значи дека нѐ очекува исклучително богата и возбудлива сезона на три фронта.
Последниот настап во едно натпреварување под капата на ФИБА го имавме во сезоната 2000/01, кога бевме дел од Купот Кораќ. Во изминатите години клубот остави силен печат и во регионалната АБА лига, АБА2, како и во УЛЕБ Еврокупот, а сега повторно ќе имаме можност да ја претставуваме македонската кошарка на европската сцена, соопштија од клубот.
Новата сезона во ФИБА Европа Купот ќе се игра во проширен формат со 48 екипи поделени во осум групи по шест клуба. Како еден од 24-те клуба со директен пласман во групната фаза, МЗТ Скопје има загарантирани најмалку десет европски натпревари против квалитетни противници од различни кошаркарски средини, што ќе претставува одлична можност за нови европски предизвици и натпреварувачки исчекори.
Жрепката за групната фаза ќе се одржи на 16 јули во Минхен, кога ќе ги дознаеме и нашите противници во европската сезона.
– Пред нас е ново поглавје исполнето со предизвици, патувања, силни натпревари и можност повторно да го слушнеме европскиот звук во „Јане Сандански“. Веруваме дека со поддршката од нашите навивачи ќе бидеме достоен претставник на македонската кошарка и ќе направиме сѐ за достојно да го претставиме клубот, Аеродром и Македонија на европската сцена – ветуваат од МЗТ Аеродром.