Марковиќ нов селектор на македонската женска ракометна репрезентација


Ракометната федерација на Македонија го назначи Игор Марковиќ за нов селектор на женската сениорска репрезентација.

Марковиќ е роден на 16 декември 1981 година во Цетиње, Црна Гора. Како играч настапуваше на позицијата лево крило и зад себе има богата и успешна кариера. По завршувањето на играчката кариера во 2022 година, Марковиќ целосно се посвети на тренерската работа. Најнапред беше ангажиран во женските младински национални селекции на Црна Гора, каде за краток период изгради репутација на еден од најперспективните млади тренери во регионот.

Како селектор на женската младинска репрезентација на Црна Гора, во 2023 година го предводеше националниот тим до освоеното 6. место на Европското првенство во Подгорица, резултат со кој беше обезбеден пласман на Светското првенство.

Во 2024 година ја предводеше репрезентацијата на Светското младинско првенство во Скопје, а истата година направи и значаен исчекор во својата тренерска кариера со ангажман во романскиот гигант Рапид Букурешт, каде беше именуван за помошен тренер и прв асистент на шпанскиот тренер Давид Хинеста Монтес. Во клубот, кој настапува во ЕХФ Лигата на шампионите, Марковиќ работеше со врвни европски ракометарки, стекнувајќи драгоцено меѓународно тренерско искуство.

-Неговиот тренерски пристап се темели на дисциплина, посветеност, цврста одбрана, тимски дух и развој на победнички менталитет, квалитети кои му донесоа значајни резултати и меѓународна афирмација. Ракометната федерација на Македонија изразува особена чест и задоволство што Игор Марковиќ ќе ја предводи женската сениорска репрезентација на Македонија во претстојниот период. На новиот селектор му посакуваме многу успех, среќа и бројни заеднички успеси со македонската репрезентација, соопшти РФМ.

Најголемиот успех во својата досегашна селекторска кариера го оствари во 2026 година, кога на Светското првенство за ракометарки до 20 години во Кина ја предводеше Црна Гора до историско 5. место во светот – еден од најзначајните резултати во историјата на црногорскиот женски младински ракомет.