МВР поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица К.К.


 

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешниот градоначалник на Струмица, К.К. (36), и уште четири лица, под сомнение за низа злоупотреби на службената положба и бесправно градење.

Покрај ексградоначалникот, со пријавата се опфатени и С.Р. (38) – поранешен раководител на Секторот за урбанизам, М.Т. (42) – советник во истиот сектор, С.О. (61) – овластен градежен инспектор и Ѓ.М. (54), инвеститор на спорниот објект.

Според наодите на полицијата, злоупотребата започнала во Секторот за урбанизам. Пријавената М.Т., како урбанистички аналитичар, изготвила одобрение за реконструкција на локација каде според Деталниот урбанистички план (ДУП) воопшто не била предвидена градба. Иако проектот содржел јасни елементи за изградба на нов објект, тој бил процесуиран како реконструкција.

Раководителката на секторот, С.Р., наместо да го спречи процесот, го одобрила спорното решение пропуштајќи го должниот надзор, иако било евидентно дека се работи за нов објект на недозволено место.

Поранешниот градоначалник К.К. се товари за кривичното дело несовесно работење во службата. Тој се сомничи дека пропуштил должен надзор во постапката и го потпишал веќе подготвеното одобрение за реконструкција, со што овозможил незаконската процедура да се финализира.

Во меѓувреме, инвеститорот Ѓ.М. на сопствена одговорност и ризик започнал со градење пред да заврши постапката, подигнувајќи нов објект од втора категорија под изговор дека врши реконструкција.

Градежната инспекторка С.О., при инспекцискиот надзор, наместо да констатира кривично дело бесправно градење, случајот го квалификувала само како прекршок, иако доказите јасно укажувале дека се работи за целосно нова градба.

Против К.К., С.Р. и С.О. се поднесени пријави за несовесно работење во службата, М.Т. се товари за злоупотреба на службената положба и овластување, а инвеститорот Ѓ.М. за бесправно градење.