МРТ ќе одлучи дали Васил Гарванлиев ќе не претставува годинава на Евросонг
Во Македонската Радио Телевизија (МРТ) оформена е комисија која ќе утврдува и одлучува што ќе се случи со нашиот годинашен претставник на Евросонг, Васил Гарванлиев.
– МРТ формираше интерна комисија, која ги разгледува и анализира сите аспекти кои произлегуваат од реакциите на јавноста, врзани за проектот „Евросонг“. Јавниот сервис исто така ќе ги има предвид обврските нотирани во лиценцата за учество, како и обврските кои произлегуваат од членството во Европската радиодифузна мрежа – ЕБУ, каде МРТ е составен дел од здружението на јавни сервиси во Европската Унија. Јавноста наскоро ќе биде дополнително информирана за конечната одлука на МРТ – изјави Мери Попова, шефица на македонската евровизиска делегација.

Кој е Васил Гарванлиев?
Васил Гарванлиев и е познат на македонската публика уште од најраната возраст, кога на само седум години го испеа познатиот детски евергрин „Марионка“ на фестивалот „Златно славејче“.
На 12 години заедно со неговото семејство се селат во САД каде станува дел од светски познатиот детски хор во Чикаго. Негово образование по соло и оперско пеење го стекнува на некои од најпрестижните музички школи во светот вклучувајќи ги „Академијата Лирика“ во Милано, престижниот Кралски Консерваториум и Оперската Школа при Универзитетот на Торонто во Канада.
Прогласен за најмлад, но и еден од најбараните баритони во Канада, тој за време на својата дваесет и пет годишна кариера има испеано над 50 главни оперски улоги, меѓу кои се Дон Џовани, Фигаро, и Лепорело, и како солист во најеминентните фестивали во светот како Банф, Малборо, Бритен-Пеарс и Грахтен.
Неговиот вонсерски талент го препознале и голем број светски музичи ѕвезди меѓу кои Chance the Rapper и YoYo Ma.
Во 2018 година, Васил одлучува да се врати во Македонија, посветувајќи се на креирање автентична музика инспирирана од македонските корени.
Неговото враќање во Македонија е одбележано со песните „Ѓердан“, „Патувам“ и „Мојата Улица“, надополнети со извонредниот акустичен концерт во живо со сплет на македонски евергрини – Дом. Патување. Љубов. – како и голем солистички концерт насловен „Мојата Улица“ во Струмица.
Васил лани не претставуваше виртуелно на Евросонг со „You“ и на неговиот официјален јутуб канал ја објави неговата најнова песна и видеозапис за „ПриКазна“, а преклани беше дел од успешниот евровизиски тим во Израел во улога на придружен вокал на Тамара.