Може ли службеник да одбие барање на граѓанин


АНА ПАВЛОВСКА-ДАНЕВА

Еден од клучните реформски потфати во македонското законодавство, преземен со цел поголема професионализација на јавната администрација, намалување на концентрацијата на моќ во рацете на избраните и именуваните лица (министри, директори и градоначалници), но и зголемување на одговорноста кај административните службеници, претставува воведувањето на обврска во секој орган на администрацијата да се делегира надлежноста за решавање во управната постапка.

Што практично значи ова начело воведено со Законот за општата управна постапка (ЗОУП) од 2015 година и зошто го нарекуваме реформски потфат?

Начелото на делегација на надлежноста за решавање во управната постапка, предвидено во членот 13 и членот 24 од ЗОУП, ги принудува избраните и именуваните лица кои раководат со разните органи во македонскиот административен систем (министерства, агенции, дирекции и слично) и градоначалниците да се откажат од „моќта“ на потпишување решенија и други акти, односно да ја предадат таа задача на оние што се професионалци – вработени административни службеници кои засновале траен работен однос и кои се соодветно образувани за таа цел. Поедноставно речено, решенијата со кои на граѓаните им се признаваат права или предвидуваат обврски од каков било тип (пр. право на социјална парична помош, право на стипендија, обврска да се плати данок), лиценците (пр. за вршење на превоз, за производство на извесни добра или давање услуги), дозволите, одобренијата (пр. за увоз на стоки, за градба и слично) веќе не треба да бидат донесени и потпишани од страна на избраното и именуваното лице во надлежниот административен орган туку од вработените службеници на кои им е делегирана таа задача.

Значењето на оваа одредба може да се објасни од повеќе агли.

Прво, нејзиното применување ќе значи конечно раздвојување на политиката (поточно политичките фактори) од стручните задачи на администрацијата во нашата држава. Оној што ќе одлучува за правата и обврските на граѓаните повеќе нема да биде носител на политичка функција, за кој е мошне поверојатно дека во примената на законите може да има и интереси кои не секогаш соодветствуваат на јавниот туку службеник кој работи во дадениот орган подолг временски период и кој може полесно да се апстрахира од политички влијанија и мотиви.

Второ, се скратува долгата техничко-административна процедура на одлучување (најнапред решението, дозволата одобрението и слично се подготвува од еден службеник, па него го одобрува неговиот претпоставен, па се чека на потпис од функционерот што зависно од неговите обврски може да трае и повеќе седмици).

Трето, значително се зајакнува стручноста. Додека за функционер на даден орган може да биде избрана или именувана личност која нема никакви стручни познавања (што често беше случај во нашата држава, особено кога ќе се земе предвид дека едни исти лица во различни временски периоди раководеа со целосно неповрзани ресори како што се образованието, здравството, правосудството), административен службеник може да биде само лице кое исполнува строги услови во поглед на неговото работно искуство и образование. Со тоа, фактот што административниот службеник ќе биде оној што одлучува (носи решение, издава дозвола и лиценца и слично) се зголемува и професионалноста на македонските органи.

Четврто, делегацијата на надлежноста за одлучување ја зајакнува и одговорноста кај самите службеници. Имено, за разлика од претходно кога тие можеа да се „кријат“ зад својот функционер, тие сега треба да се јават како директни доносители на дадениот акт, па оттаму се и непосредно одговорни за неговиот квалитет. Дотолку повеќе што тие треба лично да го бранат својот управен акт пред Управниот суд, доколку граѓанинот поднесе тужба против него.

Следствено, внесувањето на ваквата одредба во ЗОУП како системски закон кој уредува како треба да постапи администрацијата кога одлучува за правата и обврските на секој граѓанин треба да биде отпоздравена. Освен тоа, и покрај моите лични заложби секогаш да бидам критички настроена кон носителите на власт, за поздравување е и фактот што Владата презеде сериозни напори за имплементирање на оваа одредба во 2018 и 2019 година, имајќи предвид дека до неодамна (неколку години по нејзиното усвојување) таа беше само мртво слово на хартија. Тука би влегле како напорите на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) кое издаде Насоки за примена на Законот за општата управна постапка за делегирање на надлежностите и донесувањето на управните акти, така и заклучоците на Владата за влегување во последна фаза кон целосна примена на ЗОУП, но и меморандумот кој беше склучен помеѓу МИОА, Министерството за правда и Академијата за судии и јавни обвинители во контекст на доследна примена на оваа обврска за секој административен орган.

Сепак, останува допрва да го дочекаме целосното спроведување на ваквата делегација на надлежноста за одлучување. Може слободно да се каже дека експертската, но и пошироката јавност со нетрпение чекаат да видат како службеник кој одбил барање на граѓанин ќе ја аргументира својата одлука пред Управниот суд, наместо да се „крие“ зад потписот на министерот, директорот и слично. Особено се зема предвид дека со оваа новина точно ќе се знае кој службеник постапува професионално и законито, а чии управни акти се постојано оспорувани, што само по себе треба да доведе кон напредок на квалитетните и обратно.

Оттаму, може слободно да се заклучи дека целосната, интегрална имплементација на оваа одредба е патот до посериозна и попрофесионална администрација во која ќе натежне квалитетот наспроти другите својства на службениците. Единствено на тој начин Република Северна Македонија ќе се доближи до стандардите на земјите членки на Европската Унија, а администрацијата ќе биде сервис на граѓаните во вистинска смисла на зборот.