Мозаикот на папата


ГОРАН АДАМОВСКИ

Македонија беше повеќе од достоинствен домаќин на папата Франциск. Десетината часа што Светиот Отец ги имаше на македонска почва можеа да го уверат во зборовите што ги кажа пред да слета на скопскиот аеродром: „Најубавите мозаици се тие што имаат многу бои“.
Неверојатно смирувачка беше енергијата што можеше да се почувствува околу централниот плоштад, но и насекаде каде што се движеше свечената поворка. Река од граѓани, верници и скептици, во мир се слеваа кон централниот плоштад. Деталните безбедносни проверки и сообраќајната блокада беа доживувани како дел од спектаклот, кој се случува сега и веројатно никогаш повеќе.
Пораките на поглаварот на Католичката црква беа толку одмерени, внимателно одбрани и во нив како да беше вткаена целата мудрост и желба за помирување, за еден подобар свет во кој сите ќе бидеме еднакви. Огромна сатисфакција е што таков гостин, макар и на еден ден, ја посети нашата држава.
Притоа, неговата вероисповед е најмалку важна. Посетата на првиот човек на Ватикан и зборовите што ги кажува апелираат на збратимување, а не на преклопување на католицизмот врз православието или исламот. И тоа мора да ни биде јасно на сите, затоа што под секое ниво на интелигенција е да се исмејува папата, црквата што ја претставува, да се бараат неверојатно глупави причини за неговото доаѓање во земјава, па и со него и со целата црква да се поврзуваат педофилски скандали, што е исклучиво злосторство на поединци, кои заслужуваат соодветна казна.
Доаѓањето на папата во Скопје беше настан од епски размери. Дури и тие што не се верници, можат да гледаат практично на работите. Папата Франциск ни направи бесплатна реклама во целиот свет, насекаде на планетата се гледаа кадрите од дотераниот град, почитта што му ја укажуваме (иако не сме примарно католичка земја), високото ниво на функционалност и професионализам на институциите, гостопримливоста кон странските гости и нашите насмеани лица.
До душа, претседателот во заминување мораше да му каже на папата дека ова не е нашата вистинска слика, туку дека сме раскарани до седмо колено, дека ни го смениле името и дека Европа и светот предолго нè држат во чекална. Го најде правиот човек, а одбра и вистинско време за неговиот последен политички говор на Водно.
Затоа, пак, убаво беше да се види дека претседателот во заминување и премиерот срдечно разговараат додека чекаа папата Франциск да полета со авионот кон Рим. Веројатно никогаш нема да дознаеме за што зборуваа, но и тие моменти го дополнија впечатокот за целиот ден. На шега се коментира дека тоа е првото чудо што го направил папата по доаѓањето во државава.
По долгогодишната изолација, Македонија се обидува да го фати трендот со случувањата во светот. Ќе ни треба време да се навикнеме на новата реалност, а секако и пракса како поедноставно да ги организираме настаните. Ќе научиме дека треба да направиме убаво да биде тука за нас самите. Пред сè за нас, а потоа и за гостите. Кога ќе бидеме посреќни, веројатно нема да емитираме толку злоба.
А, папата останува да го живееме преку пораките што ни ги остави.