Министерот со најмногу гласови да си оди – предложен за министер во друг ресор
Собранието со поединечно гласање разреши осум министри од кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, откако сe водеше единствен претрес за нивната работа. Најмногу пратеници гласаат за разрешување на министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ кој беше разрешен со 95 гласа, но и покрај таквата масовна поддршка за негово заминување тој повторно беше предложен за министер за локална самоуправа од страна на премиерот Христијан Мицкоски, десетина минути подоцна.
Инаку, за разрешување на министерот за правда Игор Филков гласаа 83 пратеници, за министерот за земјоделие Цветан Трипуновски 92 пратеници, додека за Фатмир Лимани да замине од функцијата гласаа 85 пратеници и еден гласаше против. Министерот за локална самоуправа Златко Перински е разрешен со 87 гласови, а министерот за култура Зоран Љутков со 91 глас „за“. Впечатливо е дека министерот за здравство Азир Алиу е разрешен со 80 гласа, тројца пратеници се изјаснија дека се „против“ разрешувањето, а тројца пратеници останаа воздржани, а министерот без ресор Шабан Салиу со 85 гласови.
Осврнувајќи се на предлогот за разрешување дел од министрите, премиерот Христијан Мицкоски рече дека сите до еден се луѓе со чест и достоинство и, пред сè, чесни. Денес, нагласи, не се збогуваме со луѓе што не работеле, туку, напротив, со луѓе што во разни ресори дадоа свој придонес за реализација на програмата за која граѓаните дадоа доверба.
„Имаме обврска постојано да се преиспитуваме. Да проценуваме дали можеме повеќе. Дали можеме подобро. Дали можеме побрзо. Од првиот ден, кога ја презедовме одговорноста, кажав дека оваа Влада нема да биде Влада на комфор, туку Влада на резултати. Нема да биде Влада во која функциите ќе се сметаат за стекнато право, туку за обврска што секој ден повторно мора да се заслужува. Тоа не беше политички слоган, тоа беше принцип. Денес, покажуваме дека тој принцип важи поднакво за сите“, рече Мицкоски.
Заблагодарувајќи им се на членовите на Владата, кои, како што рече, во изминатиот период чесно, одговорно и посветено ги извршуваа функциите, тој потенцираше дека „со искрена благодарност за нивната работа ја отвораме следната етапа, не затоа што го негираме сработеното, туку затоа што сакаме врз она што е направено да изградиме уште повеќе“, додавајќи дека влада што престанува да се преиспитува, почнува да стагнира, а влада што стагнира, како што рече, ја успорува државата.
Говорејќи за она што ќе следи потоа, Мицкоски рече дека иднината не им припаѓа „на оние кои само чекаат“ туку на тие што имаат визија и работат на неа, обвинувајќи ја опозицијата за политичка демагогија и колективна амнезија бидејќи критикува, а зад себе оставила институции без доверба, економија во неизвесност и јавни финансии под силен притисок.