Милошоски во крстоносна војна против обвинителите Абази и Коларевиќ
Во уште една прес-конференција потпретседателот на Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, ги прозва шефот на ОЈО ГОКК и, Ислам Абази, и обвинителката Катерина Коларевиќ поради преминувањето на истрагата за мазутот. Тој праша дали Коларевиќ ја прекинала истрагата поради свои лични интереси и насоки од Абази и дека таа била блиска со СДСМ и ДУИ.
„Таткото на Коларевиќ, Павле Марков, е избран за државен правобранител од владата на СДС во 1998 г. Мајката на обвинителката Колеревиќ, Вера Маркова, во 2004 од коалицијата СДС и ДУИ е избрана за уставен судија. Овие фамилијарни кариери на родителите во семејството Коларевиќ се цврсто поврзани со политичките номинации на владите на СДС. Прашањето е дали затоа обвинителката Коларевиќ, за осомничени како Васко Ковачевски, Адријан Муча, Асмир Јахоски и други блиски до Ахмети, Заев и Филипче, не постапувала со мотив да ја открие вистината, туку со мотив да го заташка предметот ’Мазут’ тежок 167 милиони евра“, рече Милошоски.
Обвинителката Коларевиќ, како што кажа Милошоски, знаела дека во економскиот криминал, штетата се утврдува со економско вештачење, а не со изјава од „поткупен сведок“ или вработен во ЕСМ, но постапила селективно и им дала повластена позиција на осомничените, а со тоа го деградирала владеењето на правото.
Обвинителката Коларевиќ, во интервју за „360 степени“ кажа дека една од главните причини поради кои ја прекинала истрагата за случајот „Мазут“ се исказите кои пред обвинителството ги дале претставниците на државната компанија ЕСМ пред два месеци – во март 2026. Таа додава дека претставниците на АД ЕСМ, овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ, и претставниците на ТЕЦ „Неготино“, овластени од сегашниот директор, на записник во обвинителството изјавиле дека постапките се спроведувале согласно правилата.