Мицкоски пак го избегна Пендаровски, ама и Заев


Иако поминаа четири месеци од смената на кормилото на државата и завршувањето на ерата на кохабитација, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски избегнува да „кохабитира“ со новиот претседател Стево Пендаровски.

Откако не се одѕва на неколку покани за средба во резиденцијата на Водно, Мицкоски реши да ја игнорира и конститутивната седница на Советот за безбедност под претседателство на новиот шеф на државата. Со тоа пропушти можност и изворно да биде информиран за очекувањата и можните предизвици пред полноправното членство на Македонија во НАТО, што се планира за крајот на годинава и што значи остварување на една од стратегиските цели што државата ги постави пред себе во почетоците на независноста. Таа цел нашата земја ја оствари благодарение на Преспанскиот договор што ВМРО-ДПМНЕ, практично, не го признава.

Иако лидерот на опозицијата не е член на Советот за безбедност, во чија работа, всушност, учествува државниот и политичкиот врв (а Мицкоски и не извршува државна функција) Пендаровски направи гест и го повика да биде присутен на конститутивната седница на ова тело. Уште во својот инаугуративен говор новиот претседател најави дека силно ќе се залага за остварување поголема соработка со опозицијата, така што веднаш по неговата преселба на Водно низ резиденцијата продефилираа речиси сите други лидери на опозициски партии, посебно од албанскиот политички блок. Во последните четири месеци таму единствено не влезе Мицкоски, кој, иако не беше лично поканет на инаугурацијата на Пендаровски – затоа што не е пратеник, не влијаеше на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да не учествува на настанот. Со присуството на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на инаугуративната седница, всушност, беше испратена порака дека Пендаровски е признаен и од опозицијата – нешто што ретко можеше да се забележи по претходните циклуси претседателски избори во земјава.

Објаснувајќи го отсуството на Мицкоски, од неговиот кабинет посочуваат дека досега не е воспоставена пракса на присуство на лидер на опозиција на седници на Советот за безбедност, освен ако тоа не го налага степенот на класифицираност на информациите за кои се дискутира согласно со сложеноста на ситуацијата.

„Оваа средба беше со низок степен на класифицираност, т.е. беше интерна, што говори за формалноста на самиот состанок. Доколку во иднина се одржи состанок со повисок степен на класифицираност на информациите и тоа би го наложила евентуалната сложеност на состојбите, Мицкоски, во интерес на граѓаните и за интересите на Македонија, изразува интерес да присуствува“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За разлика од Мицкоски, Заев, додека беше опозиционер, присуствуваше на неколку седници на Советот за безбедност под водство на Ѓорге Иванов, иако СДСМ не го признаваше тогашниот претседател во неговиот втор мандат. Заедно со Мендух Тачи, кој едно време беше лидер на опозицијата во албанскиот блок, Заев присуствуваше на седница на Советот за безбедност за мигрантската криза, но и веднаш по крвавите настани во кумановско Диво насеље, кога на состанокот беа повикани сите лидери на парламентарни партии.

Заев беше и на вчерашната седница на Советот за безбедност, но сега како премиер, кој по функција е член на ова советодавно тело на шефот на државата, покрај претседателот на парламентот Талат Џафери и министрите за одбрана, внатрешни и за надворешни работи. Заев немаше можност барем за блиц-средба со Мицкоски, кој во изминатиот период одбиваше во неколку наврати да учествува на лидерските средби што ги закажуваше, па ги откажуваше премиерот.

„Моја задача беше да ги поканам сите кои што мораа да бидат информирани за тоа што се случува на планот на безбедноста во земјата и во регионот. Сосема е небитно кој е на власт, а кој е во опозиција“, изјави Пендаровски по завршувањето на конститутивната седница на Советот за безбедност.

Според него, безбедносната состојба во земјава е стабилна и нема никакви индикатори ниту внатре, ниту надвор од границите во блискиот и поширокиот регион дека таа би можела суштински да се влоши до ниво да го загрози интегритетот и суверенитетот на Македонија. Сепак, посочи, треба да се има предвид дека следува период што може да биде турбулентен поради очекуваното членство на земјава во НАТО, но и можното отворање на преговорите со ЕУ.

„Заклучок беше дека Северна Македонија во наредните 40 до 50 дена влегува во еден период кој може да биде турбулентен и од политички и од безбедносен аспект, затоа што очекуваме завршување на неколку битни ратификации во однос на нашето НАТО-членство и во средината на следниот месец очекуваме одлука на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со ЕУ“, рече Пендаровски.

Тој објасни дека оценката дека периодот што следи може да биде турбулентен е поради сличните примери во нашето непосредно опкружување кога државите биле на прагот да влезат во НАТО или во ЕУ, а, како што рече, тоа не им одговарало на одредени структури – не само во нашиот регион, туку и пошироко.

Според претседателот, во следниот период внимание треба да се посвети и на развојот на дијалогот Белград – Приштина.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, оцени вчера дека изјавата на претседателот дека во наредните 50 дена ќе имаме турбулентен период покажува колку државата е амбициозна во делот на членството на НАТО и добивањето на датумот за преговори со ЕУ.

„Амбициозни сме за неколку месеци да станеме членка во најголемиот воено-политички сојуз. Триесет години се трудиме тоа да го направиме и сега тој успех ни е на дофат. Меѓутоа, јасно е дека има структури во и надвор од државата, кои се противат на оваа стратегиска цел, исто како што има и за жал и одредени структури и во државата, кои најверојатно не се многу среќни, ако ги почнеме преговорите во октомври“, изјави Шекеринска.

Министерката за одбрана потенцираше дека вчерашниот состанок на Советот за безбедност покажа дека нашата држава има капацитет да се справи со предизвиците, а државниот врв има знаење, желба и силен фокус да успее во стратегиските цели во овој момент за да не се испушти шансата која е дадена.

Инаку, во Совет за национална безбедност, освен членовите по функција, има и три надворешни члена. За членови на Советот Пендаровски ги именува професорот и министерот за одбрана од експертската влада Трајан Гоцевски и професорите Ветон Љатифи и Ненад Марковиќ. (А.М.М.)