Мицкоски како шеф на Регулаторна – кажува колку ќе чини дизелот и бензинот


Фото: Б. Грданоски

 

Новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е член на ВМРО-ДПМНЕ. Но, над секој член има шеф.

Веќе неколку недели по ред премиерот Христијан Мицкоски најмалку ден порано кажува колкава ќе бидат цените на горивата што се одредуваат секој понеделник од РКЕ. И тоа генерално се тие цени. Мицкоски објаснува дека се служел со калкулации на цената на нафтата на светскиот пазар (ги гледал секое утро) и пресметувал колкаво ќе биде сголемувањето или намалувањето.

Мицкоски денеска беше прашан од новинарите дали претходната одлука за висината на ДДВ за горивата беше преуранета со оглед на тоа што цените повторно пораснаа, и изјави:

„Не мислам дека е преуранета, напротив. Македонија како држава веќе два месеци е пример за начинот како се справуваме со оваа енергетска криза. Ова е увезена криза, поради геополитичките случувања. Ние сме една од ретките држави којашто направи вака робусна мерка, веднаш. И со тоа успеа да го задржи нивото на едни пристојни граници. Според нашите калкулации, јас очекувам дека денеска повторно дизелот ќе поевтини, отприлика за 2-2,5 денари, бидејќи минатата недела просекот беше таков на плац во ФОБ Италија, што за нас претставува репер берза. Очекувам мало зголемување на бензините, но тука веќе ДДВ-то ни е 10 отсто. И оваа недела останува на 10 проценти. Кон крајот на неделата ќе ги правиме математиките, па ќе носиме одлуки како понатаму“.

По ова што го кажа премиерот РКЕ треба само да ја соопшти одлуката од неговата пресметка.

Мицкоски денеска плус ги стави на еден тег работите што ги правеле сите претходни влади изминативе децении околу енергетските кризи, а на друг кабинетотот што тој го предводи. Според неговите зборови, како неговата влада немало друга во изминативе децении.

„Немаме ценовни шокови, ни инфлации со двоцифрен број проценти како што тоа беше во 2022 година. А имајќи предвид дека оваа енергетска криза е поголема од сите три претходни енергетски кризи и таа 2022-та и тие од 70-те години, заедно. Мислам дека како Влада којашто две години жилаво се бори да ги исправи грешките правени со децении, успеавме при еден конструктивен, офанзивен пристап, да задржиме ценовна стабилност“.