Меморијалниот музеј „11 Октомври“ – Прилеп, сведок на победоносната историја

Засолнат под Марковите кули, на работ на Пелагонија, или на почетокот, ако доаѓате од Плетвар, Прилеп „пркосно“ ги носи предизвиците и од историјата и од секојдневието. Кога за празникот 11 Октомври сте во градот, прво на што ве упатуваат е да го видите „Участакот“. Некогашната полициска станица, денес Меморијалниот музеј „11 Октомври“.

Ќе ви речат, ако прилепчани се собираат во центарот на градот, тогаш е или за Нова година (тоа е од поново време), или за Прочка (за Карневалот напролет), или за Пивофест (налето) или, како најдолга традиција, „за пукањето“ на празникот 11 Октомври.

И, прва порака е „Участакот“ – Меморијалниот музеј „11 Октомври“.

– Во Прилеп пукнала првата пушка, гордо ќе ви речат повозрасните. Младите, да бидеме искрени, прво ќе прашаат како подобро да живеат. Ама, за „пукањето“, и тие знаат.

На плоштатадот „Методија Андонов-Ченто“ е Меморијалниот музеј или „Участакот“. Зградата каде што е сместен Музејот е изградена во почетокот на 20 век. Не е познато кој и за која намена ја изградил. Била вински ан, а во периодот меѓу двете светски војни, со прекини, објектот е претворен во ученички интернат на Учителската школа и на Гимназијата во Прилеп. За време на НОБ и Револуцијата, зградата била полициска станица – Участак. По ослободувањето, неколку години тука бил сместен дел од народната милиција, а краток период и прилепското Комунално претпријатие.

На 1 мај 1952 година во зградата, денес Меморијалниот музеј, била поставена постојана музејска поставка, главно со фотографии и документи. Тука е отворен прилепскиот музеј на НОБ. На 11 октомври 1961 година, по повод 20 години од Народното востание, просторот е адаптиран со збогатена музејска поставка. На тој начин зградата е претворена во Меморијален музеј „11 Октомври“. Тоа значи дека сега Музејот ја слави своја годишнина – 60 години.

По 10 години (70-тите) музејската поставка е проширена и збогатена. Поголеми градежни зафати се направени 80-тите години од минатиот век. Реновирањето овозможило да биде поставена новата музејска поставка и да биде отворена на 10 октомври, во предвечерието на празникот, во 1983 година. А дури 2003 година зградата на Меморијалниот музеј „11 Октомври“, со музејската поставка, е прогласена за споменик на културата. Посериозна санација има во 2011 година за 70-годишнината од почетокот на Народното востание.

Документи, фотографии, скици, мапи, факти за почетокот на Народното востание нуди Меморијалниот музеј „11 Октомври“ и ја раскажува приказната за виорните времиња, за почетокот на последното, Народно востание, кое донесе државност, пред точно 80 години.

Меморијалниот музеј, на приземје и на кат е поделен во етапи со документите и фотографиите, а поставката е збогатена со оружјето што го користеле борците за време на НОБ и Револуцијата.

Во приземјето се доловуваат периодот и состојбите пред почетокот на Востанието во Прилеп и во земјава: подготовки, револуционерни движења, формирање кружоци, читалница, претстави и активности за подготовки на Востанието. Дури е нагласен и плакатот за претставата „Македонска крвава свадба“. Во приземјето е сведоштвото за тортурите: просторијата за измачување.

На катот од Меморијалниот музеј доминирааат фактите за Народното востание. Организацијата, поделбата на трите групи од одредот „Гоце Делчев“, кој на 11 октомври вечерта (градскиот саат отчукал 22 часот) нападнале три локации: Участакот, тогашната полициска станица, потоа затворот и третата група била задолжена за прекин на телефонските жици. Неодминливи се и скиците за историскиот напад.

И тука се сите имиња на борците од партизанскиот одред „Гоце Делчев“, кој, официјално, е формиран по 11 октомври. Тука се и решенијата за народните херои: Прилеп ги дал 15, од кои 10 загинуваат во НОБ и Револуцијата. Централно место има и орденот – Прилеп град херој. Од 90-тите години на минатиот век се провлекува мистеријата, а трае и денеска, за исчезнувањето на Орденот што во 1975 година на градот му го додели тогашниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито. Орденот исчезна без трага од тогашната канцеларија на градоначалникот (или претседателот на Општината). Залудно се трагаше, па последниве години се направи реплика на Орденот. Го има во Меморијалниот музеј и во прилепската општинска зграда.

Во Меморијалниот музеј „11 Октомври“ на 24 паноа (обновени и пластифицирани во 2019 година, да бидат потрајни) е прикажана историјата на Прилеп и Прилепско, како дел од историјата на македонскиот народ. Паноата содржат: 34 текстови, 182 фотографии, 31 документ, 12 мапи, скици и планови, 20 плакати и летоци, 16 извадоци од весници, 16 повелби… А експонатите во Меморијалниот музеј се 86, сместени во шест витрини. Преуредената поставка вкупно има 417 елементи (содржини), сведоци на едно славно минато на македонскиот народ, со славни личности, настани и дела.

И од дистанцата од 80 години од почетокот на Народното востание, пресудно, победоносно за создавање државност и самостојност, денеска имаме бројни дилеми. Тоа го актуализираат новите генерации. Не со историските придобивки, туку со секојдневието. Како  да се живее и да се напредува? Упатени на најновите предизвици: пандемијата, глобалните промени, пазарот на трудот и опстојувањето, прилепчани, горди на историските придобивки, сакаат да порачаат: истрајноста на патот за успешност е најбитна, имајќи ги предвид бројните историски и современи премрежиња. Ама да не се заборават заложбите на генерациите претходно. Тие, доследно, ја раскажуваат приказната во Меморијалниот музеј „11 Октомври“ во Прилеп. Колку може да биде поука за новите генерации? Тоа зависи од нивните претходници.