Скопје за две години ќе го реши проблемот со бездомните кучиња


Фото: Б. Грданоски
Проблемот со бездомните кучиња во Скопје не може да се реши преку ноќ, но со новата стратегија, за година и пол до две граѓаните веќе ќе треба да ја заборават оваа тема, изјави денеска директорот на Јавното претпријатие „Лајка“ Војислав Димитровски пред отворањето на тридневниот „Лајка фест“.
 
Во рамки на настанот, во просториите на Град Скопје се одржа панел-дискусијата со домашни и странски експерти „Систем, закони и реалност: Справување со уличната популација на кучиња“. Според првиот човек на претпријатието, „Лајка“ во моментов постигнува рекордни резултати во третманот на бездомните животни, но за трајно решение е неопходно да се запре „палењето на пожарот“, односно неодговорното сопствеништво и продуцирањето нови неконтролирани легла од страна на граѓаните.
Фото: Б. Грданоски
 
-Ако во текот на изминатата година во Скопје биле третирани вкупно 1.000 кучиња, нашиот таргет за оваа година е да завршиме со 2.000 до 2.200 третирани кучиња. Во април имавме рекордни 138 третирани кучиња во еден месец, во мај 122, а целта е до крајот на годината да постигнеме капацитет од 200 кучиња месечно, изјави директорот.
 
За да се постигне оваа амбициозна цел, „Лајка“ планира да имплементира нов модел, преземен од Сараево и Битола, кој подразбира вклучување на сите заинтересирани приватни ветеринарни друштва во системот, со што паралелно ќе се зголеми капацитетот за кастрација и стерилизација. Дополнително, се развива и програмата за привремено чување (фостеринг), преку која граѓаните ќе можат привремено да згрижуваат и социјализираат кучиња до нивното трајно вдомување.
 
Димитровски информира дека ЈП „Лајка“ има официјално регистриран капацитет за 140 кучиња, но во моментов таму се сместени околу 180 животни, при што дел од нив се во надворешни боксови кои не ја нарушуваат нивната благосостојба.
Фото: Б. Грданоски
 
Тој посочи дека со Град Скопје и градоначалникот сериозно се работи на изнаоѓање локација и проектирање нов објект. Финансиите за оваа намена не се проблем, а во тек е изработка на детален мониторинг за да се утврди точниот број на кучиња на улиците и нивниот степен на социјализација, според кои ќе се дизајнира новиот центар.
 
Статистиката на претпријатието, наведе Димитровски, покажува дека меѓу 35 и 38 проценти од заловените кучиња се вдомуваат, што се смета за висок процент. Од нив, половина остануваат во земјава, а половина заминуваат кај вдомувачи во странство.
 
Расните кучиња никој не ги вдомува?
 
Сепак, посочи тој, претпријатието се соочува со сериозен предизвик со кучиња кои поради претходните политики во стационарот престојуваат веќе две до три години. Најчесто станува збор за расни кучиња (питбули, белгиски овчари-малиноа, шарпланинци и азијати), кои граѓаните се плашат да ги прифатат доколку се вратат на локација. Директорот упати јавен апел до сите искусни граѓани и љубители кои имаат услови за вакви раси, да дојдат во претпријатието и да ги вдомат.
 
Димитровски потсети дека „Лајка“ останува на законската обврска како транзитен центар, каде кучињата се задржуваат околу 21 ден по принципот „залови, стерилизирај, вакцинирај, врати“, а екипите на терен веќе користат нова опрема и алтернативни методи за справување со несоцијализираните глутници кучиња кои најчесто се дислоцирани од други средини.
Фото: Б. Грданоски
 
На панел-дискусијата во Скопје учествуваат и претставници на сродни претпријатија од регионот, меѓу кои директорката на загребски „Думовец“, Татјана Зајец, претставници на организации од Шпанија и организацијата „Dogs Trust“ од Сараево, како и претставници од домашниот Ветеринарен факултет, ЗЕЛС, АХВ и невладиниот сектор.
 
Загреб нема повеќе бездомни кучиња
Зајец во изјава за медиуми посочи оти во Загреб во моментов нема кучиња на улиците бидејќи системот функционира превентивно, а казните за напуштени миленици се високи.
 
-Само годинава во засолништето примивме 400 кучиња кои беа тргнати од улица, а кои немаа микрочип. Во ЕУ чипирањето е задолжително. Граѓаните кај нас не ги оставаат милениците на улица затоа што системот брзо открива чие е кучето, а казните се исклучително високи. Сè тргнува од политичката волја, институциите да бидат вистински сервис на граѓаните за сите да бидат безбедни – вели Зајец.
 
Македонците не ги чипираат милениците
Професорот на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, Влатко Илиески, алармира дека Македонија има законска обврска за микрочипирање уште од 2018 година, но на терен реалноста е поразителна.
Фото: Б. Грданоски
 
-За жал, процентот на микрочипирање на сопственички кучиња е многу мал. Некаде околу 50 отсто можеби од вкупната бројка на кучињата во градовите во земјава не се микрочипирани. Ако зборуваме од правен аспект, тие кучиња всушност не се сопственички кучиња. Со предлогот за новиот закон за благосостојба на животните има иницијатива за поголеми казни на граѓаните за неодговорно сопствеништво, со оглед на тоа што кучињата не се микрочипирани, таа одредба нема соодветно да се имплементира. Како примарна цел, сите активности кои што во нашата земја ги правиме треба да бидат пред сѐ, да ја знаеме вкупната бројка на кучиња, колкав број се микрочипирани, колкав број фактички ги имаме во градовите. Таа иницијатива е вклопена во новата стратегија, која ја направивме пред две години во рамки на Ветеринарната комора. Од оваа година АХВ покажа интерес и се трудиме да ја имплементираме и со тоа сакаме фактички малку да ја смениме перцепцијата во Македонија за овој проблем. Ние цело време зборуваме за бездомните кучиња и мислам дека примарно е првин да зборуваме за вкупниот број на кучиња – рече Илиески. 
 
Фото: Б. Грданоски
Тој нагласи дека фокусот на јавноста и на локалните власти мора да се префрли од бездомните кучиња кон „изворот“ на проблемот – а тоа се сопственичките кучиња. Според неговите проценки, дури 80 отсто од домашните кучиња во земјава не се стерилизирани, што доведува до неконтролирана репродукција.
 
Што предвидува новата стратегија?
 
Новата стратегија, изработена од Ветеринарната комора, а поддржана од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), предвидува воспоставување контрола врз одгледувачниците и строг ветеринарен надзор за сопствениците кои одбиваат кастрација или стерилизација на миленикот.
 
Панел-дискусијата е во организација на Град Скопје и на ЈП „Лајка“, а на настанот се отвори дискусија што ги засега сите граѓани – системските предизвици, законската рамка, институционалната соработка и хуманите решенија поврзани со справувањето со уличната популација на кучиња.