Марта Кос и Христијан Мицкоски во усогласен моден избор: Белото и тегет во фокус
Без екстраваганција, но со јасна порака - класиката останува најсилен избор за официјални средби
Модата на официјалните политички средби ретко е случајна, а впечатокот што го оставаат боите и кроевите често зборува исто толку гласно колку и самите изјави. На средбата во Скопје, еврокомесарката за проширување Марта Кос и македонскиот премиер Христијан Мицкоски избраа (не) случајна палета на бои- бела и тегет, комбинација која со години се смета за синоним за елеганција, сериозност и префинетост.

Белата боја традиционално се поврзува со отвореност, искреност и свежина, додека тегетот е симбол на стабилност, доверба и авторитет. Токму затоа ова е една од најчестите комбинации во дипломатските и деловните кругови, каде што облеката треба да испрати порака на професионалност, без да го засени поводот на средбата.
Марта Кос се појави во софистицирана комбинација која ја нагласи нејзината препознатлива, минималистичка елеганција, во пократко сако и тегет блуза со карнери, и бисерни обетки и неупадлив прстен како единствен накит, додека македонскиот премиер остана доследен на класичниот деловен стил со бела кошула, тегет костум и вратоврска во посветла сина нијанса. Иако секој го задржа својот личен моден израз, заедничкиот избор на бои создаде визуелна хармонија и впечаток на одмереност и формалност.

Во време кога секоја јавен настап се анализира до најситен детаљ, модните избори на политичарите не се само прашање на личен вкус. Тие претставуваат дел од невербалната комуникација и можат да придонесат за сликата што јавноста ја создава за една средба. Белото и тегетот не се впечатливи по својата екстраваганција, туку по нивнта безвременска елеганција- избор што остава впечаток на сигурност, достоинство и почит кон институцијата и поводот.