Макрон: Франција ќе побара од ОН иницијатива за слободна пловидба во Ормуската Теснина
Францускиот претседател Емануел Макрон повтори дека повторното отворање на Ормуската Теснина е апсолутен приоритет и најави иницијатива во Обединетите нации за „тотално неутрална и мирна мисија“ за да се постигне ова.
„Со отстранување на сите блокади и вистинско вклучување во овој тежок дијалог со Иран, мора да постигнеме безусловно повторно отворање на Ормуската Теснина, без никакви такси за навигација“, рече Макрон синоќа во Најроби на крајот од француско-африканскиот самит, објавија француските медиуми.
Тој додаде дека е потребно да се продолжи дијалогот меѓу Техеран и САД за прашањето на иранските нуклеарни и балистички ракети, но и со учество на Европејците, истакна тој.
Макрон повика на целосно почитување на прекинот на огнот во целиот регион, наведувајќи дека е неприфатливо да се води војна во Либан, каде што Израел се бори против движењето Хезболах.