„Македонскиот етимолошки речник“ на проф. д-р Гоце Цветановски – историски исчекор за македонската лингвистика


Во свечената сала на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) денеска беше промовиран првиот том на капиталното дело „Македонски етимолошки речник“ (А – Ж) од проф. д-р Гоце Цветановски. Изданието, кое доаѓа од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, претставува историски исчекор за македонската лингвистика пополнувајќи ја повеќедецениската празнина во словенската етимолошка наука.

Проректорката на УКИМ, проф. д-р Соња Топузовска, во своето обраќање истакна дека ова дело не е само лексикографски збир, туку длабок приказ на идентитетскиот код на јазикот.

– Етимолошкиот речник не е само збир на зборови и нивните значења, туку сложено научно дело што го следи историскиот развој на јазикот, неговите слоеви, влијанија и културни врски. Преку него зборовите го откриваат своето потекло, но и патот што го минувале низ времето како дел од широкиот јазичен и културен идентитет. Особена тежина на ова дело му дава фактот што станува збор за прв ваков етимолошки речник во македонската лингвистика, со што се пополнува една значајна празнина во словенската етимолошка лексикографија – рече таа.

Директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, нагласи дека со овој труд македонскиот народ официјално се вбројува во семејството словенски народи кои поседуваат сопствен етимолошки речник. Таа посочи дека делото е круна на долгогодишна и макотрпна научна работа поддржана од Министерството за образование и наука.

– Авторот проф. д-р Гоце Цветановски со помош на издржана методологија и научни аргументи го претставува историскиот развој на македонскиот јазик преку научно аргументирана анализа на потеклото на македонските зборови во словенски и во индоевропски контекст. Особено важно и впечатливо е толкувањето на македонските зборови што првпат и единствено тука можеме да ги најдеме. Преку речникот се отсликува националната и културолошката дефинираност на македонскиот народ – рече таа.

Според промоторите, овој речник е непобитен доказ за посебноста на македонскиот јазик и неговиот углед во светската славистика. Проектот, кој беше поддржан од актуелното раководство на УКИМ и ректорката проф. д-р Билјана Ангелова, според нив, отвора нови перспективи за младите истражувачи и за натамошен развој на македонската етимолошка мисла.

Покрај авторот, на денешниот настан присуствуваше и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, како и многубројни претставници на академската заедница, а речникот беше официјално промовиран од дописниот член на МАНУ, Веселинка Лаброска.