Мак… стандарди


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Во изминатите две недели, по вториот круг на претседателските избори, се случија повеќе настани што повикуваат на промисла. На пример, инаугурацијата на Пендаровски во отсуство на неговиот главен промотор; пречекот и испраќањето на папата; успехот на Тамара Тодевска на „Евровизија“; а деновиве заклокоти аферата „Богоевски“. Покрај овие настани, со државна или национална важност, сепак, вниманието ми го привлече еден настан од светот на бизнисот.

Многу медиуми како важна вест ја пласираа информацијата дека компанијата „Макпетрол“ пуштила во употреба некоја обновена бензинска пумпа во Куманово! Случувањата од овој тип во Куманово и во сите други градови и села се важни, нема дилема. Покрај тоа, не секој град и не секоја бензинска пумпа во него се наоѓаат на коридорот по кој поминува нашата европска перспектива. Покрај тоа, не секој град го има Сашко Коцев, кој годинава од Европското движење на Македонија беше прогласен за европска личност за 2018 година.

Сепак, што значи кога еден ваков банален настан, како што е пуштањето во употреба на една бензинска станица, медиумски, на разглас, се претставува како „’Макпетрол’ стандард“. Се прашувам што се промовира како „стандард“ од страна на оваа наша компанија? Причината поради која сметам дека овој настан и ова прашање заслужуваат социолошко промислување е моето убедување дека „Макпетрол“, поради многу нешта, е симбол на вистинската општествена моќ во Македонија. Како што ИНА е симбол за Хрватска или „Петрол“ за Словенија, така „Макпетрол“ е симбол за таквата моќ кај нас. Компаниите од овој калибар не чекаат некој нешто да им даде на избори или на друг начин. Тие самите си земаат тоа што им треба и што можат, вклучувајќи и политичка власт и политичари.

Вистинската, реалната моќ, како што вели Дон Вито Корлеоне во една реплика во филмот „Кум“, не се дава туку се зема. Вистинската моќ не е дадена од некого некому, туку таа е одземена од други. „Макпетрол“ поради многу нешта е симбол на таквата моќ во Македонија. Со неа се поврзани многу поранешни и актуелни развојни проекти, но и многу политички стории. Затоа она што го промовира оваа компанија заслужува внимание и критичка опсервација.

Се прашувам дали „’Макпетрол’ стандард“ значи дека и другите бензински пумпи во Куманово или ширум републиката се уредени и опремени како оваа штотуку промовираната? Во колку нивни бензински пумпи  тоалетите се „стандардно“ надвор, зад главниот објект и секако, со стандардната опрема: чучевац и тоа ‘рѓосан, високо поставено казанче со приврзан конец и мијалник со сифон кој ја одведува водата не во канализациската мрежа, туку пред или во вашите обувки!

Да се потсетиме, до доаѓањето на „Лукоил“ кај нас, „‘Макпетрол’ стандардот“ значеше токму тоа. „Макпетрол“ е еден од оние македонски монополи што сè до доаѓањето на пристојна конкуренција само земаа од своите клиенти. Одземајќи од нив, тие ја градеа својата доминација. Потоа со помош на свои испостави во политичката и универзитетската елита, тие ги устроија законите, на пример, за трансформација на некогашниот општествен капитал по своја мера. Сега, ете, пак ни наметнуваат такви свои „мак… стандарди“!  Доста со такви лажни величини и стандарди! За среќа, видовме и научивме што е подобро и што е европски стандард. „’Макпетрол’ стандардот“ е помината работа. Потрошете дел од парите што ги натрупавте како монополска екстра рента и конечно издигнете ги сите ваши бензински пумпи, ако не повисоко, тогаш барем на нивото кое, во бизнисот со горива, кај нас го донесе не европската туку, замислете, руската конкуренција!

Креирањето, воспоставувањето и уважувањето на „Макпетрол“ или кои било или чии било стандарди е многу важен општествен процес. Процесот на воспоставување стандарди, наречен стандардизација, е само друго име за воспоставување институции и институционализација. Пред извесно време пишував за важноста на институционализацијата на општествениот живот. Градењето на институциите и нивното почитување се суштина на организираниот општествен живот. Без институциите живееме во хаос и превласт на силни и агресивни личности и нивните содружништва од различен вид, вклучувајќи ги и компаниите.

Нормализацијата и стабилизацијата на нашите меѓусебни, да речеме, нашите општествени односи, ако некогаш воопшто дојде до тоа, ќе ги препознаеме токму како создавање, институционализирање, употреба и проширување на стандарди. Глобализацијата и европската интеграција, како една нејзина пројава, се возат токму на стандардизацијата. Стандардизацијата го стеснува просторот за џезерските и волунтаристички сфаќања и практики во сите сфери на животот.

За важноста на стандардите и нивното почитување, зборува и изјавата на Координативното тело за посетата на папата Франциск на нашата земја. Во соопштението дадено по посетата, ова тело констатира дека „посетата беше спроведена според сите предвидени највисоки стандарди и процедури“. Стандардите и процедурите за изведување на некоја работа се важни од повеќе причини. Но, најважно е тоа што стандардизацијата на активностите спречува во некој од нејзините детали да се вметне ѓаволот. Ѓаволот не сака ред, норма, правило. Тој сака досетки, итрини, креативност, импровизација. Со музиколошки категории, би се рекло, стандардизацијата значи класика, ред и предвидливост, наспроти изненадувачките и возбудувачки изливи, карактеристични за џезот, на пример.

Потребни ни се стандарди во сите области на општествениот живот. Особено во политиката. Да. За политичарите институциите се Прокрустова постела. Од една страна, тие како политичари се тоа само додека наспроти постојните институции изнаоѓаат нови и инвентивни решенија за актуелните конфликти. Од друга страна, нивните решенија стануваат ефективни само ако се институционализираат и така да станат пречка за некои други политичари. Но, токму тие се општествените чинители кои ги поставуваат стандардите. Од таа перспектива, доблесниот потег на пратеникот Павле Богоевски ќе стане уште поголем ако и други политичари и јавни чинители него го земат како стандарден критериум за лична одговорност кон јавноста. Во тој посакуван след, прва на потег е опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Таа, како што луцидно забележа Гордан Георгиев, „сега треба да земе пион за кралица и да се спаси самата од себеси“ и да го спроведе мак… стандардот не само за политичката туку и за професионалната одговорност – нема работа, нема плата.