Маѓар разговарал со Фон дер Лајен за деблокада на 17 милијарди евра од замрзнатите европски фондови за Унгарија
Будимпешта – Петер Маѓар, лидерот на партијата Тиса, која победи на парламентарните избори во неделата, соопшти дека разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за деблокирање на замрзнатите европски средства за Унгарија.
Маѓар во објава на својот фејсбук-профил посочува дека во телефонскиот разговор била постигната согласност дека ослободувањето на средствата е еден од приоритетите со цел граѓаните на Унгарија што побргу да добијат пристап до развојните фондови на Европската Унија.
Според него, Европската комисија порачала дека ќе соработува со идната унгарска влада за во најкус рок да се постигнат конкретни резултати и да се овозможи користење на средствата од европските фондови.
Маѓар посочува дека милијардите евра за Унгарија се замрзнати поради, како што вели, корупција во унгарската власт, додавајќи дека ослободувањето на тие средства е од клучно значење за националното стопанство и граѓаните.
Од Европската комисија потврдија дека Фон дер Лајен разговарала со Маѓар оценувајќи дека соработката со идната унгарска влада е важна за напредок во користењето на средствата и за запазување на предвидените рокови.
Европската Унија држи замрзнати речиси 17 милијарди евра наменети за Унгарија од фондовите за кохезија и за закрепнување по ковид-кризата. Причина за тоа се поведените правни спорови со Будимпешта поврзани со владеењето на правото, независноста на судството, академските слободи, азилантската политика и правата на ЛГБТ-заедницата во земјата.