ЛШ: Баерн во спектакуларен реванш го елиминираше Реал, полуфиналист и Арсенал
Минхенски Баерн и лондонски Арсенал им се приклучија синоќа на ПСЖ и Атлетико Мадрид во полуфиналето во фудбалската Лига на шампиони.
Во спектакуларен натпревар од првата до последната минута, Баерн во реваншот од четвртфиналето го совлада Реал Мадрид со 4-3 и со двојна победа го елиминираше Кралскиот клуб, откако и во првиот натпревар во Мадрид триумфираше со 2-1. На реваншот во Лондон, пак, Арсенал одигра 0-0 против Спортинг и ја зачува предноста од еден гол од првиот натпревар во Лисабон кога победи со 1-0.
Реал на „Алијанц Арена“ три пати беше во водство во првото полувреме, откако Гулер го отвори резултатот во 32 секунда, а истиот фудбалер во 29 минута го врати водството на шпанскиот клуб, по израмнувањето на Павловиќ во 6 минута. Кејн во 38 минута израмни на 2-2, а Мбапе со голот во 42 минута му донесе предност на полувремето на Реал.
Шансите се редеа на двете страни и во второто полувреме но немаше голови до самиот финиш кога Дијаз биеше прецизно за 3-3 во 89 минута, додека пласманот во полуфиналето на Баерн го запечати Олисе во четвртата минута од судиското продолжение.
Реал го заврши натпреварот со фудбалер помалку поради исклучувањето на Камавинга во 85 минута, а по завршувањето на натпреварот директен црвен картон му беше покажан на двојниот стрелец Гулер.
Арсенал и Спортинг одиграа тврд натпревар на реваншот во Лондон без премногу шанси. Домашниот тим беше најблиску до гол во 84 минута кога ударот со глава на Тросар ја погоди стативата, додека гостинскиот тим, исто така, ја погоди рамката од голот преку Катамо во 43 минута. На крајот, по 180 минути игра, решавачки за место во полуфиналето се покажа голот на Хаверц во судиското продолжение од првиот натпревар.
Баерн во полуфиналето ќе игра против бранителот на титулата ПСЖ, додека втората полуфинална двојка ја сочинуваат Атлетико Мадрид и Арсенал.
Првите натпревари се закажани за 28 април, а реваншите ќе се играат на 5 мај. Финалето е на програмата на 30 мај во Будимпешта.