„Little Things“- „АББА“ со божикна песна и спот


Шведска-„Little Things“ е првата божиќна песна на шведската супергрупа – ваква песна веќе долго време беше желба на нивните обожаватели. „Јуниверзал мјузик“ соопшти дека целиот приход од продажбата на цедето ќе оди во Фондот на УНИЦЕФ за заштита на децата.

Новата божикна песна на „AББА“, „Little Things“, сега е достапна како сингл на цеде. Шведскиот култен бенд објави музички спот за песната.

Во него ученици разговараат за технологијата за претстојниот концерт во Лондон во 2022 година. Оваа технологија се користи за снимање на движењата на членовите на бендот и нивно претворање во дигитални реплики, кои ќе може да се видат на сцената во Лондон.

Учениците ја претвораат својата училница во продукциска канцеларија за да може сето тоа сами да го изведат и сами да создаваат музика. Крајниот резултат ќе биде божиќно шоу на „АББА“.

 

Легендарната шведска поп-група „АББА“ на 5 ноември се врати на музичката сцена со објавувањето на новиот албум „Voyage“, по речиси 40 години од првото распуштање на познатиот состав.

Бендот го најави новиот албум на почетокот на септември во Лондон, претставувајќи една од новите песни „I Still Have Faith in You“. Пред објавувањето на албумот, на јавноста ѝ беа претставени уште две песни – „Don’t Shut Me Down“ и модернизирана верзија на песната „Just A Notion“, снимена 1978 година, но која не се нашла на ниту еден албум сѐ досега.

Составот најави и турнеја, но виртуелна – со холограми на членовите.
 

Шведскиот квартет беше активен од 1972 до 1982 година. Последниот албум на групата „The Visitors“ беше објавен 1982 година. Групата ја сочинуваат Бјорн Улвеус (76), Бени Андерсон (74), Ани-Фрид Лингстад ​​(75) и Агнета Фалцког (71). Со песната „Waterloo“ од 1974 година, „АББА“ победи на Евровизија, а остана запомнета и по хитовите „Dancing Queen“, „Mamma Mia“, „Money, Money, Money“, „Take A Chance On Me“ „The Winner Takes It All“ и други.