Лекцијата од СОНК е дека најдобро се лови во матно


АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Ако ништо друго, учениците, кои од 11 ноември нема да одат на настава – ако СОНК остане на најавата за генерален штрајк, ќе ја научат лекцијата дека најдобро се лови во матно.

Таа животна лекција ја нема во учебниците од кои предаваат наставниците, кои во поголем дел, на 11 ноември, под водство на Синдикатот на образованието, науката и културата, веројатно, ќе ја прекинат наставата за да издејствуваат – не повисоки плати, туку повисоко ново зголемување од тоа што (засега) им го нуди Владата. Таа лекција не се учи ниту во училниците ниту во регуларни услови, туку најлесно се совладува во кризни моменти и надвор од институциите, по можност на улица. Или, на пример, во ситуација каква што е моментално ситуацијата во државата, така што СОНК, во период на најавени избори шест месеци пред редовниот термин, ќе се обиде да го искористи моментот на слабост на Владата за да издејствува – не повисока плата за наставниците, туку поголемо ново зголемување од тоа што засега го нуди владата во заминување.

Проблемот не лежи толку во тоа што СОНК најавува штрајк во период кога се најавени избори, туку во тоа што синдикалците од образованието беа на добар пат да ја прифатат понудата на Владата за покачување од 10 отсто сè до моментот кога стана јасно дека Македонија и овој пат нема да добие почеток на преговорите со ЕУ. Дефанзивната позиција во која се најде Владата по ваквиот заклучок на Европскиот совет, што го поттикна премиерот Зоран Заев да повика на брзи избори, по сè изгледа ги мотивира СОНК и Јаким Неделков да преминат во офанзива контра предлогот на министерот за образование и наука Арбер Адеми.

СОНК сега не прифаќа ниту ново зголемување на платите во образованието за „само“ 10 проценти ниту, пак, тоа покачување да стартува од април следната година. Неделков, очигледно, останува на старото барање за покачување од 25 отсто, и тоа од 1 јануари следната година. Дотогаш, според неговиот „ударнички план“, треба да се спроведат и другите „предизборни“ барања на просветарите, како корекција на колективните договори за основно и за средно образование, во кои ќе се предвидат регрес за годишен одмор, како и надоместоци за превоз на вработените и за прекувремени часови, ревидирање на плаќањето во комбинирана настава…

И џабе е сега министерот Адеми пак да објаснува како не се штрајкува на најавено покачување, туку дека се штрајкува на кога нема покачување… Џабе е и да се повторува дека е легитимно синдикатот да штрајкува и дека правото на штрајк е уставна категорија во делот на основните човекови права… Нема поента ниту одново да се „труби“ дека учителите, наставниците, професорите… и сите вработени во една од најсензитивните општествени дејности заслужуваат повисоки примања. Сето тоа никој не го оспорува. Ама едно се желбите, друго можностите, така што сите тие аргументи стануваат релативни во контекст на тајминзите што СОНК ги избира кога ќе реши „да им покаже заби“ на властите… Како што на 1 септември им го расипаа првиот училиштен ден на првачињата, така и сега решиле да го искористат деликатниот политички момент за да издејствуваат „покачување на покачувањето“ што го понуди Министерството за образование уште во деновите кога Владата „спиеше на тоа уво“ дека Македонија ќе добие датум за преговори и дека следните парламентарни избори ќе бидат редовни.

И не е само СОНК. Работниците од сите гранки, како што изгледа, решија да му ги загорчат последните месеци на овој владин кабинет. Денеска на „Илинденска“ пристигнуваат членови на неколку земјоделски здруженија. Иако на министерот за земјоделство Трајан Димковски тоа му мириса на „политичка запршка“, барем се знае дека земјоделците ги испорачаа своите барања и го најавија протестот пред да бидат најавени изборите. Затоа, пак, во графата „отпосле“ (или по закажување на изборите) деновиве се запишаа и лекарите. Бараат пред формирањето на техничката влада да се исполни ветувањето на политичката влада во заминување за лекарска плата од 100 илјади денари… Дел од синдикалците од лекарската фела велат дека на изборите ќе ја поддржат онаа политичка опција која ќе излезе во пресрет на нивните барања, без оглед дали е тоа СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ… Само прашање е каква „терапија“ би била потребна за, на пример, за опозицијата да добие некоја посебна моќ така што набрзина ќе исполни барање што произлегува од изборната програма на владејачката партија.

Недостига уште вработените во приватните фирми и компании, како даночни обврзници кои ја полнат државната каса, да излезат пред владата и да бараат газдите да им ги покачат платите – за некои педесетина проценти. Всушност, за парадоксот да биде комплетен, недостига уште Неделков, слично како и претседателот на синдикатот на Клинички центар, да восклике дека, ако барањата му бидат исполнети, вработените во образовните институции ќе гласаат за СДСМ. Па, ако веќе се лови во матно, барем тоа да биде лов на „ајкули“, а не на „гирици“!