ЛДП е згрозена од прес-конференцијата на министерот за правда: злоупотреба за партиски цели


Игор Филков (Фото: Б. Грданоски)

 

Либерално-демократската партија (ЛДП) реагира на вчерашната прес-конференција на министерот за правда и тврди дека Игор Филков наместо да се информира јавноста за реформите и законските решенија, ја злоупотребил говорницата на Министерството за правда за политичка пресметка со опозициската СДСМ затоа што не присуствуваше на состанок на работната група за Изборниот законик.

Претставникот на ЛДП во работната група, Дејанчо Цветановски, изјави:

„Со неверување го следев тоа што го кажуваше министерот, затоа што тоа беше негов личен или партиски став, а никако не заеднички договорен текст од името на работната група. Одлучив дека е подобро да не се прави дополнителен скандал со прекинување на министерот во тој момент, но јасно сакам да порачам дека ова е последен пат ЛДП да биде сведок на настан каде државната функција, платена со пари од сите граѓани, се користи за партиски пресметки“.

ЛДП бара од премиерот Христијан Мицкоски итно да му укаже на министерот за правда Филков и да го дисциплинира за вакво недолично однесување. „Ваквиот настап ниту гради меѓусебна доверба, ниту придонесува за правото – напротив, директно го урива интегритетот на државната функција и на институцијата. Бараме премиерот сериозно да ја преиспита довербата кон министерот за правда заради сериозното доцнење на реформската агенда. Одговорноста за ова доцнење не е кај опозицијата, ниту кај граѓаните, туку кај менаџментот на министерството“, велат од ЛДП.

Партијата соопштува дека ќе продолжи да учествува конструктивно во реформските процеси затоа што тоа им го должи на граѓаните.